Со имотите на Австралиско-новозеландската епархија во иднина ќе управува Траст (доверителска) корпорација. Нејзиното основање е направено со цел сите црковни имоти да бидат префрлени на нејзино управување во интерес на Црквата и верниците.
На последното епархиско собрание на Австралиско-новозеландската епархија, по барање на владиката Петар, била донесена одлука секоја црква да го префрли имотот на Корпорацијата МПЦЕАНЗ (Македонска православан црква, епархија за Австралија и Нов Зеланд -Траст Корпорација). Во тоа своиство и митрополитот Петар го префрлил управувањето на црковните имоти од свое име на името на Корпорацијата.
-На Собранието се донесе едногласна одлука, секоја Црква, Парохија и Манастир, да го префрли имотот во Траст (доверителство) на Корпорацијата на МПЦЕАНЗ, со цел заштита на имотот од непредвидени судски постапки и злоупотреби. Митрополитот Петар посвети особено внимание на значењето на Траст Корпорацијата на Епархијата, која е основана со цел: заштита и правилно управување со црковниот имот, во интерес на Црквата и верниците. Митрополитот нагласи дека имотот на Епархијата, црквите и манастирите, пред сè е Божји имот, и дека со него мора да се постапува одговорно, согласно со Св. Канони, Уставот на МПЦ-ОА и прописите што од него произлегуваат. За жал, се констатира во минатото дека се направени огромни материјални штети на Епархијата и на МПЦ-ОА во целина, со злоупотребата на имотите, како и отуѓувањето и продавањето и на цркви и на црковни имоти, кои биле организирани уште од почетокот за мисија на Црквата, како што е случајот со црквите: Свети Димитриј во Квинбијан, која што им ја зеле Грците на нашите Македонци, што ја изградиле; црквата Свети Наум во Њу Кастел во 1962 година, што им ја зела расколничката Дионисиева т.н. Слободна Српска Православна Црква; црквата Свети Кирил и Методиј на Хај Стрит во Мелбурн, која преку судска расправа, во времето на Митрополитот Тимотеј ја зела Бугарската Правоскавна Црква; градежното земјиште на ЦО Успение на Пресвета Богородица во Сент Албанс, што го продала управата на црквата; имотот за манастир на црквата Рождество на Пресвета Богородица во Њу Фарм, во Бризбен, што пред извесно време го продала Црковната управа; имотите на црквата Света Петка Рокдаел: Детската градинка и 6-те станови, што ги продала Управата на Црквата, а сега се води судска расправа помеѓу Црковната Управа и Игор Александров, кој наводно од неговата Команија (Православна заедница) им позајмил $80.000, за судскиот спор што го водеше МПЦЕАНЗ со Инкорпорираната црква Света Петка Рокдаел, за најверојатно со камати да му исплатат можеби околу $500.000, кој исто така ги обвинува како одговорни за продажбата на Детската градинка и 6-те станови на црквата Св. Петка, стои во соопштението на Епархијата.
Но што всушност значи ова? Според информациите на Религија.мк од Австралија, овој нов начин на управување на епархијата е идентичен со оној што го имаат македонските црковни општини кои се дел од Австралиско-сиднејската епархија, со кои владиката Петар 30 години водеше судски спорови за да му го отстапат имотот тој да упвавува со него, како претставник на МПЦ-ОА. Тој тогаш ги обвунуваше дека тие се регистрирани како компании и корпорации, а не како цркви, бидејќи тие не се согласуваа да ги отстапат имотите за да бидат заведени на негово име.
Што се случило во меѓувреме и зошто епархијата е пререгистрирана?
Јавните документи од австралиските институции покажуваат дека „МПЦ – епархија за Австралија и Нов Зеланд, Траст Корпорација“ е основана на 22 април 2016 година. Финансиските извештаи покажуваат дека таа практично е неактивна 10 години, бидејќи сите извештаи се со салдо 0. Со одлуките на последното епархиско собрание оваа организација се очекува да стане и формално активна. Директор на оваа корпорација од 2016 година е заведен владиката Петар.
Паралелно со оваа корпорација во Австралија е регистрирана и „Македонска православна црква Епархија за Австралија и Нов Зеланд“ од 1 ноемви 1999 година. И таа во моментов е активна.
Но што е разликата меѓу овие две организиации? На фотографиите во текстот ќе видите дека новата организација од 2016 година е „паблик компани“ – Јавна компанија, исто како што во Австралија е регистрирана Македонската црковна заедница, која ги обединува црковните општини кои Петар 30 години ги тужеше и обвинуваше дека не се цркви, туку компании.
Другата организација, основана 1999 година е заведена како „без корпоративен идентитет“, или според австралиските закони здружение на граѓани кое обединува повеќе здруженија. Практично, тој модел на управување подрзабираше обединување на имоти со управител, во случајот тоа беше владиката Петар со неговото лично име.
Сега, со овој нов начин на управување, тој го префрла правото на управување со имотите на епархијата, која сега е регистрирана како корпорациска.
Практично го прави истото што го имаа направено другите црковни заедници.
Но, зошто сето ова се случува сега, иако оваа епархија како таква е регистрирана пред 10 годни, непосредно по решавањето на деценискиот спор во Австралија. Зошто имотите не биле префлрени минатите години, туку сега на последното епархиско собране?
Оваа ситуација ја разјансува и причината за смената на епархискиот трон, нешто што веројатно владиката Петар го имал подготвено уште во јануари кога се одржа ова епархиско собрание.
Дополнително интригантно е што црковниот портал Литургија.мк, објави вест дека владиката Петар го префрлил личниот имот на епархијата, по неговото повлекување. Тој заклучок е извлечен од соопштението на епархијата каде пишува:
-Во врска, пак, со пласираните лаги, измислици, невистини во изминатиот период, сè до ден денес, дека Митрополитот Петар, дошол во Австралија со цел да ги присвојува црквите, манастирите и црковните имоти, тој категорично изјави дека куќата (резиденцијата) во која престојува, а која и со Одлука на САС на МПЦ, му беше доделена како надомест за повеќе од 8 години непримени лични средства (плата), доброволно да ја предаде на Епархијата и истата да биде префрлена во Траст на Корпорацијата. Додека, пак, преостанатите лични средства, додека бил Епархиски Архиереј, да бидат внесени во фондација (во Корпорацијата), која ќе се формира за потребите на кадри, кои ќе се образуваат во Богословијата и на факултети, за потребите на оваа Епархија, но кадри кои се исклучиво од и за оваа Епархија. Овој предлог беше ставен на гласање и едногласно прифатен, стои во соопштението.
Што значи во основа станува збор за внесување на имоти во новрегистрираната епархија кои во основа се црковни имоти со кои како старател управуваше владиката Петар.


Нема таков будала во Австралија, ниту имало, којшто би позајмил $80000 било кому (ни на Црква ни на Владика), без официјална заверка кај нотар, а ако заемот е уредно официјализиран, немало и сега нема никакви можности за манипулации. Значи, тврдењата на г-динот Игор Александров ги земаме со голема резерва. Ама неговото барање за надомест на средствата дадени како заем на Црква со камати кои достигнуваат висини до $500000 јасно говори за неговите побуди, интереси и намери.
Ако пак финансиските проблеми во управување со црковниот имот во таа епархија се толку големи заради специфичниот општествен систем (за кој можеби досегашните епископи биле неуки), Епископот бил дожен да има постојана стручна помош од соодветни експерти. Ако не умеел да ја користи, ако не смогнал до таа мера (на постојано губење капитални црковни имоти) да управува со епархијата, морал да се соочи со фактот на својата неспособност или немоќ да управува со таа епархија. Ако не успеал да се смири самиот пред таа ситуација, Светиот Архиерејски Синод бил должен да постави нов, внимателно избран Епископ којшто ќе биде во можност да раководи со епархијата, не по сто години, туку при првата најдоцна втората таква загуба. А ако измамници раководеле со епархијата (и за свој џеб продавале македонски црковни имоти на други Помесни Цркви), време е да бидат уапсени, и изведени пред лицето на правдата во Македонија (ако не во Австралија) такви тешки злосторства на предавство и финансиски криминал не може да бидат сокривани под плаштот на верата никаде, па ни кај нас.
Доколку пак се случувале надитрувања од страна на структури на други православни јурисдикции во тој дел од дијаспората, и ако тие преземале македонски црковен имот со некакви политичко-правни лукавства или Бог знае како, исто така радикални и ефикасни промени се неопходни и тука нема простор за сентименти и уважување величини кои не можат да одговорат на конкретните состојби. (Ако треба и македонската дежава ќе помогне со свој експертски тим, како што впрочем традиционално прават и сите успешни Помесни Цркви.) Не бадијала од дамнини е поставен принципот на организирање на Црквата ‘еден Епископ за секој град’; значи дури и не ‘еден Епископ на област/епархија’, а камоли ‘еден Епископ на секои две епархии од две различни држави’, камоли континенти!’
И најпосле, новоназначениот Владика може да ги чуе советите на својот претходник, да го има предвид неговото искуство дури и при постојана лична комуникација, којашто никој не може да му ја забрани или ускрати, но неговиот претходник на ниеден начин не може да биде активен официјален чинител во управувањето со епархијата (особено ако оставил испроблематизирана состојба и доживеал загуби на имот без разлика колку и на каков начин бил одговорен за тоа).
Жално е што денес македонскиот православен народ во Австралија е оптоварен со најпрофаниот аспект на овие прашања наместо со спокоен литургиски живот преку кој луѓето ќе бидат насочувани на личен восредоточен духовен подвиг. Ако има духовени пастири кои придонеле за ваквата состојба сигурно знаат дека дејствителното лично покајание не е некакво бркање лисици во магла туку активен подвиг кој дава навремени и конкретни плодови. Господ на помош на сите!