Глувоста на наемниците

Date:

Share post:

Како што глувоста е пречка за говорот, така и уште повеќе духовната глувост е пречка за духовниот говор.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Како што постои телесен слух, така постои и духовен слух; и како што постои телесен говор, така постои и духовен говор, односно, слово во сила. И јасно ни е на сите што водиме православен духовен живот дека, многу побитно за нас е да имаме духовен слух и духовен говор, затоа што тоа ни овозможува да го чуеме Божјото слово и автентично да го пренесеме. Ни овозможува и уште многу друго, како читање на знаци за иднината или пророштво, но за тоа другпат. Духовните слух и говор, се преобразени телесен слух и телесен говор.

Оној што нема духовен слух, тој е и духовно глув; а оној што нема духовен говор, тој е и духовно нем или тепкав. И подобро да е човек телесно глув и тепкав, отколку – духовно. Овој заклучок лесно се извлекува од следнава евангелска поука: „ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот“.

Како што глувоста е пречка за говорот, така и уште повеќе духовната глувост е пречка за духовниот говор. Оној што нема да го стави умот во процес на исцеление преку послушание на духовниот отец, како и преку насочување на енергијата на својот ум кон своето срце – кое што е и извор на неговото слово, таквиот нема како да прослуша и да проговори духовно, т.е. нема како да биде преобразен. Значи, духовниот слух го добиваме преку послушанието, а духовниот говор преку внатрешното слово на кое му ги наложуваме зборовите на Исусовата молитва. Зошто е ова вака уредено?

Затоа што нашето духовно срце е центар на сите наши душевни сили и способности, но и место каде што престојува Божјата благодат – неисцрпниот резервоар на нашата духовна преобразба, и кога ние преку послушание и собрана молитва доволно ќе го очистиме од страстите – и демоните поврзани со нив, тогаш Божјата благодат ќе се пројави од нашето срце и ќе ги преобрази сите наши сили, чувства и способности, целиот наш живот.

Значи, отворањето на срцето и пристапот до неисцрпниот резервоар на несоздадената енергија Божја – која нѐ преобразува, е достапно само за оние што целата своја енергија, пред сѐ енергијата на умот, ја насочуваат кон Бог и Му ја посветуваат Нему, а тоа се децата Божји. Затоа и децата Божји имаат духовен слух и духовен говор, т.е. слово во сила; тие се вистински богослови. Нивното слово ги допира срцата на луѓето и не ги остава рамнодушни, така што, ако им е срцето подготвено, тие ќе го прифатат словото, а ако не им е – ќе се чувствуваат повредени, т.е. демонот внатре во нив.

Наемникот нема достап до своето срце и до неисцрпниот резервоар на преобразувањето, тој не се дава потполно себеси на Бог, односно дава само нешто од својот одвишок на енергија или на добра – колку да го задоволи потребниот минимум на форма, и затоа тој е лишен од духовен слух и говор, т.е. од полнотата на Божјата благодат – која што нѐ преобразува. Дека нема духовен слух гледаме од неговото непродуховено слово. Словото на наемникот е само технологија – техника на говор без сила, која произлегува од неговата интелектуална способност и читање на книги, но не и теологија, не слово што допира и бива запамтено. Словото на наемникот не е богословие, односно слово преобразено од Божјата сила.

Дека пораката што Бог ни ја праќа преку ова евангелско четиво се однесува токму на духовната глувост и тепкавост на наемниците, сфаќаме од таму што човекот што го донесуваат кај Христос е само глув и тепкав, но не и слеп. Бидејќи слепоста е симболика за некој што не разбира. Едно е да разбираш и да сакаш да направиш нешто за свое духовно растење, а друго е да разбираш и да не сакаш – со оправдание дека не можеш, а такви се наемниците.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img