Каков и да е нашиот однос кон Бог – однос на дете, однос на наемник или однос на роб, Неговиот однос кон нас е непроменлив. Неговиот однос е секогаш татковски кон сите нас; само што, кај робот и наемникот татковскиот однос не може да дојде до израз.
Наемничкиот однос кон Бог е ладен и пресметлив; го снема ли интересот и очекуваната добивка, го снемува и односот. Наемниците, и да не се откажат формално од Бог, тие суштински го отфрлаат односот; задржуваат надворешно некоја форма на побожност, но го отфрлаат суштински целото светоотечко – аскетско-исихастичко Предание, на градење на личен однос со Бог и со својот ближен. Бесчувствителни се кон другите.
Кај нив се забележува еден бесплоден живот и покрај многуте години поминати во парохиската црква или во манастирот. Таквите луѓе не можат да го сведочат Христос, напротив – ги одбиваат луѓето од Него. Вообичаено си земаат улога на судија и строго внимаваат некој да не ја повреди почетната форма; незнаејќи воопшто дека и формата на односот зависи од нивото на односот. Ги држат клучевите од Царството Небесно – и ниту тие влегуваат во него, ниту други пуштаат да влезат. Тие се – ни студени, ни жешки…
Робовскиот однос кон Бог е заснован на страв и затоа – најподложен на човечки и демонски лаги и манипулации. Луѓето со таков однос лесно веруваат во пророштва, во лагите дека некој отстапил од верата, во сонови, во лоши и добри знаци, во некакви чуда и слично – како да се сите од еден калап излеани. Стравот е најпогодна основа за манипулација на човекот од страна на демоните; и директно и индиректно – под влијание на луѓе веќе излажани од нив.
Стравот од несреќата – што мисли дека му се заканува, му ја одзема радоста на робот. Постојано е во некој грч, како некое уплашено животно – од кое можеш да очекуваш секаков нерационален потег; од пусти страв сѐ е спремен да направи, дури и работи кои очигледно – за сите околу него, го изместуваат од здравата побожност, па дури и од самата заедница со својот Епископ и од Црквата.
Денес сретнав луѓе кои на сон гледале некоја „светителка“, која им се појавувала и им кажувала што да прават и тие сиротите како избезумени трчаат од црква до црква да направат што им заповедала. Ми падна жал. Ги потпрашав и знаев дека никогаш се немаат исповедано и причестено. Ги упатив кај еден од духовниците да се исповедаат, да ги поучи колку да постат, како да се молат и кога да се причестат. И им реков: ако „светителката“ повторно ви се јави, кажете ѝ да ми се јави прво мене и мене да ми каже што да правите, па јас ќе ви кажам вас. Знам од опит дека никогаш нема мене да ми се јави, како и на нив – ако ме слушаат. Многупати ми доаѓаа луѓе на кои „светителите“ во сон им кажувале каде да изградат црква, сѐ додека не им кажав да им речат – да ми се јават прво мене.
Мили мои, внимавајте многу кога се во прашања сонови, јавувања на светители на сон, знаци и пророштва, некакви отстапувања од верата; внимавајте на сѐ што ви предизвикува нездрав страв. Нездравиот страв предизвикува само паника и нерационални потези; предизвикува енергетско растројство, ве вади надвор од срцето, надвор од себе, а понекогаш и надвор од Црквата.
Божјиот страв носи покајание, ве смирува, ве враќа во себе – во срцето, и ве доближува до Бог – во Црквата. Имате духовен отец и духовници – советувајте се со нив, не преземајте ништо сами. Поучувајте се во Православната вера и градете здрав однос со Бог. Бог ве љуби сите татковски и се грижи за вас. Верувајте силно во Божјата љубов; во Неговата љубов е смислата на нашиот живот.
Не се плаши мало стадо, волјата на вашиот Отец Небесен е да ви го дарува Царството Божјо!
Пишува: Наум Струмички

