Архиепископот на Албанија, Јован, во интервју за The Orthodox Observer раскажа за своето духовно патување и за тоа како ја открил христијанската вера во време кога во комунистичка Албанија религијата беше строго забранета.
Во периодот на комунистичкиот режим атеизмот бил вграден во уставот на државата. Поседувањето Евангелие можело да доведе до десетгодишна затворска казна, храмовите биле уништени, а голем број свештеници биле убиени. Во таква атмосфера архиепископот, роден како Фатмир Пелуши, првпат се сретнал со христијанството.
Тој раскажува дека во четврта година од средното училиште добил книга на француски јазик од пријател на својот брат. Подоцна се покажало дека станува збор за Евангелието според Јован. „Кога го прочитав Евангелието, почувствував истата радост како во детството“, се присетува архиепископот.
Тој бил крстен на 24 јуни 1979 година и го добил името Јован Крстител. На крштението присуствувале само три лица – свештеникот, кумот и едно момче кое стоело надвор и чувало стража.
Свештеникот кој го крстил, отец Косма Ќирјо, ризикувал сè, бидејќи во тоа време друг свештеник веќе бил погубен во градот Скадар само затоа што извршил крштение. „Во тоа време беше полесно да се најде динамит отколку Евангелие“, вели архиепископ Јован.
Подоцна, во периодот на обновата на Албанската православна црква, тој му оддал почит на свештеникот кој го крстил, ракополагајќи го за епископ. Момчето кое стоело на стража за време на крштението денес е свештеник.
Архиепископ Јован нагласува дека искуството од времето кога во Албанија немало црковен живот го обликувало неговиот пристап кон служењето. Според него, видливото единство меѓу Православните цркви е особено важно. „Видливото единство е сведоштво. Тоа им дава надеж на луѓето“, вели тој.
Тој истакнува и дека Албанија претставува пример за мирен соживот меѓу различни религии. Христијаните и муслиманите, според него, развиле „дијалог на животот“, бидејќи живеат заедно во исти населби, училишта и семејства.
Архиепископот предупредува дека злоупотребата на религијата е тежок грев. „Манипулацијата со религијата е грев“, нагласува тој, додавајќи дека задачата на Црквата не е да застане на нечија страна, туку јасно да ја осуди неправдата.
Според него, христијанската вера учи на универзална љубов. „Невозможно е да се сака едниот, а да се мразат другите. Ако има вистинска љубов, таа е за сите“, заклучува архиепископот.

