Светиот синод на Грчката православна црква ја објави својата годишна посланица по повод „Неделата на свештеничкиот призив“, која ќе биде прочитана во храмовите низ целата земја на Неделата на поклонувањето на Чесниот Крст, во средината на Великиот пост.
Во посланицата се нагласува духовното значење на Чесниот и животворен Крст, кој во текот на постот им се изнесува на верниците како знак на победа, надеж и живот. Крстот, се вели во пораката, ги потсетува христијаните дека патот на жртвата води кон светлината на Воскресението и ја открива вистинската мера на љубовта, пожртвуваноста и одговорноста.
Во тој духовен контекст, свештеничкиот повик се опишува како слободен и свесен одговор на повикот на Христос. Светиот синод нагласува дека свештенството не е прашање на човечка амбиција или лична слава, туку дар и служба исполнета со жртва кон Бога и кон луѓето.
Посланицата им се обраќа и на младите кои бараат смисла во животот и сакаат да му служат на општеството. Во неа се истакнува дека свештеникот не се повлекува од општеството, туку живее во него, им помага на семејствата, ги утешува страдалниците и ги придружува луѓето и во радоста и во тешкотиите.
Воедно, Црквата ги повикува семејствата, а особено сопружниците на оние кои размислуваат за свештеничка служба, со љубов и разбирање да ги поддржат таквите одлуки.
На крајот од посланицата, Светиот синод ги потсетува верниците на Христовите зборови: „Жетвата е голема, а работниците малку“, нагласувајќи ја потребата од нови работници во Црквата – луѓе со вера, чесност и љубов, кои ќе му служат на човекот и ќе ја негуваат надежта во современиот свет.

