Епископот Делчевско-каменички Марко, откри нови детали од односите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, во поткастот ПопКаст со Мартин Богатиновски, на Слободен Печат. Во разговорот, епископот Марко посочува дека Томосот што СПЦ и го додели на МПЦ-ОА, всушност не е поминат на Собор на Архиереите на СПЦ. Дополнително, зборувајќи за тоа како течеле преговорите МПЦ-ОА и СПЦ, владиката Марко вели дека СПЦ на Соборот морала да донесе одлука за враќање на МПЦ-ОА во канонско единство, бидејќи Вселенската патријаршија веќе имаше донесено одлука за укинување на шизмата.
-Томосот не е ниту поминат на Соборот, така да кажам на СПЦ. Колку што имам информација, томост не беше предвиден да се случи пред да се средат сите работи, вели епископот Марко во интервјуто.
Ова е нов момент, кој укажува на причините зошто СПЦ брзала со одлуките, без да бидат целосно завршени разговорите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ.
Епископот Марко посочува дека тие (како ПОА) биле информирани дека се водат разговори, иако не сакале јавно да разговараат за тоа бидејќи, можел некој да помисли дека сакаат да ги минираат тие разговори.
-Идејата на патријархот Порфириј беше тој лично да ги води преговорите со поглаварот на МПЦ и за почеток ние да не се вклучуваме во разговорите и да не кажуваме дека има разговори за да не се свати погрешно. Се случија неколку средби во манастирот Ѓунис во Нишката еапрхија и тргнаа разговорите и тоа требаше да дојде до некакво решение. Преговорите ги водеше дел од Синодот на СПЦ на чело со поглаварот и работниот состав на МПЦ на чело со поглаварот и секретарот на Синодот, епископот Климент. Тие разговори требаше да доведат до тоа да во еден момент да и ние се вклучиме, архијереите на ПОА и да разговараме сите заедно на кој начин да се интегрираме. Меѓутоа знаеме сите за околностите, дека Вселенската патријаршија пред уште да завршат преговорите ја прими МПЦ во единство. СПЦ на првиот ден од Соборот, веќе мораше да одлучува по тоа прашање и одлучи Соборот да постапи исто, да ги прими во канонско единство и да се разговара понатаму за нашата интеграција. Значи не дојде прво до тоа да се решат сите прашања, затоа што малку се измешаа работите. Меѓутоа на крајот пак добро беше што се случи тоа единство, вели епископот Марко во поткастот Попкаст.
Тој потврдува дека Томосот од СПЦ не е завршен документ и дека тој укажува на потребата МПЦ-ОА да продолжи да разговара со останатите помесни православни цркви за сите отворени прашања.
-Е сега Томосот што се додели понатаму, две недели после Соборот, и самиот Томос предвидува да се доразрешат работите и остава отворен простор нашата Црква во билатерални разговори со другите цркви да го реши прашањето, ако има некои отворени прашања со другите цркви. Така што тоа е во процедура сега понатаму, тоа треба да се реши и ќе се реши, само треба добра воља и да се разговара, како што тргнаа разговорите на поглаварско ниво, можеби на тој начин треба да се продолжат разговорите со сите оние цркви кои имаат некакво отворено прашање со нас. Да се допрецизираат сите работи. Првенствено Цариград, како првотрона црква, меѓутоа и со другите цркви, ако има некое отворено прашање да се реши. И други цркви го немаат прифатено Томосот за автокефалија на МПЦ и затоа треба да се разговара и со тие цркви, вели епископот Марко.
Тој исто како и Митрополитот Јован, вели дека епархиите со кои раководат владиците од поранешната ПОА се нефункционални и дека за тиа прашање Синдот на МПЦ-ОА мора да најде решение.
-Епархиите не се функционаолни. Беше познато уште од почетокот. Се остави простор во некое догледно време да се работи на тие функционалности. Очекував да биде функционална епархијата, да има некаква одржливост. Сега сме во ситуација да не се одржливи. Некако се снаоѓаме, но финансиски не е можно да се покрие администрацијата на тие епархии. Тоа не е трајно решение. Мора да се најде решение. Не станува збор дали сме задоволни или не. Треба да се направат да бидат самоодржливи. Или да се зголемат епархиите, или да се најдат средства за да се одржуваат. Ако сме ние браќа, нема некој да смета дека некој од некокого одзел. Ако двајца браќа живеат во една куќа на два спрата. Треба едниот брат да биде на едниот спрат, а другиот на другиот спрат. Не може едниот да ги земе и двата спрата, а на брат му да му отстапи шупата. Груба споредба, но може да се каже, вели владиката Марко.
Прашан за изјавите на владиката Петар, кој за истото прашање, го нападна митрополитот Јован и дека може и тој да биде на ист начин нападнат, владиката Марко вели дека тоа се ставови на владиката Петар и дека на Синодот во полн состав треба да се разговара за се.
-Нема од што да стравувам. Тоа е негово мислење, на владиката Петар. Тој така ги гледа разботите, така ги цени. Но тоа треба да се реши на Соборот, мислам на нашиот собор на сите архијереи и да се види мислењето на сите. Важно е да ги погледнеме реално работите и да се најде решение. Не треба да се одолговлекува тоа решение. Ако седнеме и разговараме како браќа и ќе најдеме решение, вели епископот Делчевско-каменички Марко во гостувањето на поткастот Попкаст.
Погледнете го целото видео. За односите СПЦ-МПЦ и за проблемите, Марко зборува од 39-тата минута.
9

