Шпанската Католичка црква, соочена со нагол пад на бројот на црковни венчавки, лансираше видео-игра која преку секојдневни задачи ги прикажува вредностите потребни за успешен брак, како што се трпение, великодушност, скромност, интегритет и емпатија, надевајќи се дека на тој начин ќе го промовира бракот пред Бога.
Со цел да го зачува и да ја промовира светата тајна брак, црквата во последните неколку години покрена низа иницијативи, а најновата кампања користи видео-игра која го следи младиот пар Фран и Елена додека во различни ситуации, како што се проблеми на работа или конфликт со поранешна партнерка, учат за љубовта и заедништвото.
Слоганот на играта гласи „Љубовта е најголемата авантура“, а играчите, решавајќи задачи, освојуваат награди и учат за вредностите потребни за успешен брак.
Според последните податоци, во 2024 година помалку од 18 отсто од венчавките во Шпанија се одржале во црква, додека во 2007 година повеќе од 55 отсто од паровите стапувале во брак пред Бога, пишува „Гардијан“.
Кампањата беше претставена пред Денот на вљубените и, како што наведуваат бискупите, првенствено е наменета за парови кои размислуваат за стабилна врска и за можноста за црковна венчавка.
Идејата ја предложиле студенти од Папскиот универзитет во Саламанка, а ја развиле професионални дизајнери на видео-игри.
Бискупската конференција истакнува дека играта го олеснува размислувањето за суштинските елементи на љубовта и бракот во модерното дигитално општество.
Шпанската црква, наведува „Гардијан“, претходно користела и потрадиционални методи, како што е курс за подготовка за брак кој трае две до три години, воведен пред шест години откако било проценето дека 20 часа предавања не се доволни за да ги подготват паровите за заеднички живот.
Курсот опфаќа 12 области, вклучително комуникација, верност, сексуалност и решавање конфликти, и советува против порнографијата која, како што наведуваат, „ја комерцијализира и ја фалсификува убавината на брачниот дар“.
/политика.рс

