Димитровски: Остануваме цврсто посветени на борбата против антисемитизмот

Date:

Share post:

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска на пригоден начин го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.

Како што соопшти МНРиНТ, на настанот, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, одржал поздравно обраќање при што оддал почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани.

Тој нагласил дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот, изразувајќи надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.

Во рамки на настанот, обраќања имале и амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви.

Одбележувањето, како што стои во соопштението на Министерството, беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.

Од МНРиНТ додаваат дека државава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот.

Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе

/МИА

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img