Шведските безбедносни служби отворија истрага за една руска православна црква во градот Вестерос, на околу еден час возење од Стокхолм, поради сомнежи дека објектот може да служи како платформа за разузнавачки активности и други непријателски операции поврзани со руските служби. Истражувањето беше презентирано во извештај на France24, кој посочува на неколку необични аспекти на црквата што го привлече вниманието на шведските власти.
Црквата, посветена на Казанската икона на Пресвета Богородица, се наоѓа само неколку стотици метри од стратегиски важниот аеродром Стокхолм–Вестерос, кој по приклучувањето на Шведска во НАТО прерасна во значајна база за воени вежби на Алијансата. Според шведските служби и локални контролори, необично е што духовниот објект е толку блиску до таква критична инфраструктура и е опремен со високи безбедносни огради и камери, а службите се одржуваат само неколку пати неделно.
Шведската служба за внатрешна безбедност (SAPO) изрази загриженост дека црквата би можела да биде искористена за собирање информации и други непријателски активности во име на странска држава. Објектот е предмет на внимание и поради неговата поврзаност со руски донатори, вклучително и финансиска поддршка од фондации блиски до руската држава, како и поради учество на руски и белоруски дипломати на неговото осветување во ноември 2023 година.
Истрагата доаѓа во контекст на зголемено внимание на европските безбедносни служби кон можни „хибридни“ операции што се користат за влијание и собирање разузнавачки податоци преку невладините или религиозните структури. Во некои земји, властите веќе презеле радикални мерки, вклучително и затворање на други руски православни објекти поради загриженост за националната безбедност.
Ситуацијата ја отвора дебата за границата меѓу религиозното делување и потенцијалната злоупотреба на верските институции за политички или разузнавачки цели, при што шведските власти засега продолжуваат со проверки и оценка на безбедносните ризици.

Ха-ха, кој си ја има мувата на капата… Кутрите Швеѓани, не знаат како на нивна територија своевремено беше разнесен новиот руски гасовод, Северен Тек 2, но знаат што се’ би можело да се прави зад затворени врати во еден црковен храм. Секако, ако храмот беше римокатолички или протестантски, какви што се нивните храмови, внатре веројатно и ќе можеше да се практикува некаква воена агенда. Ама бидејќи е руски, православен, нема потреба ни од шпионажа ни од конспирации. Православниот подвижник фрла ракети со умот, не му треба никакво друго оружје, не мора воопшто да биде во Шведска за да знае каде што се случува или да нанесе удар каков што ќе посака, ако веќе има потреба. Од другиот крај на светот ќе удри, а ако веќе заминал од овој свет и од таму, од гробот ќе удри, ако треба. Е руски црковен храм покрај аеродром се знае зошто се гради: за поткрепа и помош на патниците при нивните доаѓања и заминувања. За молитви и прозби. Неколку литургии неделно не е баш малку за еден храм во близина на аеродром (значи надвор од населено место). Но Швеѓаните ги продаваат нивните црковни храмови ако нема доволно приход и не им е грижа ако новиот сопственик ги претвори во диско клуб, во супермаркет или во ресторан. Такво е нивното сфаќање за употребната вредност на црковните објекти, па мислат дека и руското е тука некаде. Што да правиме! Не е секому дадено.