Што лежи во најновите обвинувања на Русија против Вселенскиот патријарх

Date:

Share post:

Најновите обвинувања што доаѓаат од Русија на адреса на Вселенскиот патријарх Вартоломеј не се изолиран инцидент, туку дел од подолг и внимателно граден наратив, кој ја надминува црковната сфера и длабоко навлегува во геополитиката, идентитетските политики и борбата за влијание во православниот свет.

Според анализата објавена во Prototema, офанзивата на Москва се одвива преку институционални и државни канали, што само по себе е индикатор дека станува збор за координирана политичко-црковна стратегија. Обвинувањата дека Вселенскиот патријарх дејствува како инструмент на западни разузнавачки служби, дека соработува со екстремни структури и дека има за цел „разградување“ на Руската православна црква, се дел од реторика која има јасна функција: делегитимација на Константинопол како духовен и канонски центар.

Самиот Вселенски патријарх сведочи за намерите на РПЦ уште пред војната во Украина, кога во еден свој јавен настап открива дека „за време на подготовката на светиот и велик собор на Крит во 2016 година, лично бев сведок на напорите на Русите, заедно со претставници на други цркви, да ја вклучат референцата за ’света војна. Ова беше долго пред Русите да ја нападнат Украина. Ние водевме битка за да се осигураме дека овој термин не се споменува никаде“.

Во пресрет на Божиќ 2013 година, Светиот синод на Руската црква издаде соопштение, нешто како црковна енциклика, конкретно за прашањето за Првопретолниот како што го третира Православната црква. Накратко, суштината на ставот што го изнесе Московскиот патријарх Кирил беше директен предизвик за фундаменталниот прерогатив на Вселенскиот патријарх. Кирил тврдеше дека во Православната црква не постои никаков вид примат, туку само линија на примат меѓу православните поглавари.

Следниот инцидент на интензивна конфронтација меѓу Московскиот архиепископ Кирил и Вселенскиот патријарх Вартоломеј беше поттикнат од Светиот и Велик Синод на Православната црква во јуни 2016 година во Колимбари, Ханија, Крит. Тогаш се чинеше дека Кирил трасира траекторија на директен конфликт со Вартоломеј, бидејќи Московскиот патријарх демонстративно „му го сврте грбот“ на историски значајниот собир на православни црковни водачи од целиот свет. Бидејќи, додека само пред неколку месеци, во јануари 2016 година, Кирил го потпиша свикувањето на Светиот и Велик Синод на Крит – а всушност, ги потпиша и сите релевантни текстови, кои беа подготвувани 40 години на 5 различни Сеправославни претсоборски конференции (во периодот 1976-2015 година), поглаварот на Руската православна црква конечно се воздржа од работата на Синодот. Вселенскиот патријарх, со право, се чувствуваше предаден и длабоко навреден од однесувањето на Кирил. Круговите на Цариградската патријаршија, изразувајќи го она што самиот Вартоломеј се воздржа да го каже, беа исклучително директни, опишувајќи го ваквиот потег на РПЦ како „неетичко однесување“ и дека „отсуството од Синодот претставува доказ за сепаратистички тенденции од страна на Кирил и Русите“.

Клучниот контекст за разбирање на оваа кампања е украинското прашање. Доделувањето на автокефалност на Православната црква на Украина во 2018 година претставуваше пресвртна точка, не само во црковните односи, туку и во пошироката конфронтација меѓу Русија и Западот. За Москва, оваа одлука не беше доживеана како канонски чин, туку како директен удар врз нејзината духовна и национална сфера на влијание. Во соопштението на Синодот на РПЦ од октомври 2018, кој се одржа во Минск, Белорусија, овој чин беше опишан како „преседан“ во однос на кој Вселенската патријаршија се чинеше неконзистентна со минатото. Примерите што ги користеа Русите за да го разобличат Вартоломеј се однесуваа на случаи разгледани на Соборите пред векови, а што се однесува до посовремените, Кирил го потсети Вартоломеј дека во 1992 година го расчинил, а во 1997 година, уште полошо, формално го анатемисал поранешниот митрополит на Киев, Филарет. Оттаму, Вселенскиот патријарх постепено беше претворен во симболичен противник.

Од своја страна, Вселенската патријаршија возврати со изјави дека Кирил и Московската патријаршија ја сметаат Украина за руска територија, па затоа не сакаат да создадат автокефална Црква таму, иако ситуацијата на православните Украинци, поради трисекцијата на локалната Црква, создала хаотична ситуација за верниците. „Ние“, рекоа од Цариград, „се обидуваме да ја надминеме оваа искривена ситуација (која Московската патријаршија целосно ја игнорираше со децении). Доделената автокефалност во Украина се стреми исклучиво кон единство“.

Анализата укажува дека денешните обвинувања не се насочени исклучиво кон минатото, туку и кон можни идни чекори. Во руската реторика јасно се појавува стравот од нови автокефалии – особено на Балканот и во балтичките земји – што би значело понатамошно намалување на влијанието на Московската патријаршија. Затоа, предупредувањата за наводни „репресии“ врз „особено тврдоглавата“ Српската православна црква или планови за нови црковни структури имаат превентивен карактер и служат за мобилизација на сојузници.

Важно е да се забележи дека јазикот кој се користи во овие обвинувања е сè помалку црковен, а сè повеќе политички. Термини како „агресија“, „операции“, „инструменти на странско влијание“ и „непријателски активности“ се карактеристични за безбедносен и разузнавачки дискурс, а не за богословска или канонска дебата. Со тоа, конфликтот намерно се преместува од полето на црковното право во полето на геополитичката конфронтација.

Од тој агол, најновата руска офанзива против Вселенскиот патријарх може да се чита како обид да се редефинира православието според државни и национални линии, спротивно на традиционалниот модел на наднационално духовно единство. Наместо спор околу канони, станува збор за борба за авторитет, влијание и контрола над верниците во чувствителни региони.

Прашањето што останува отворено е дали ваквата стратегија ќе доведе до дополнително продлабочување на поделбите или, пак, ќе го поттикне православниот свет повторно да ги отвори фундаменталните прашања за приматот, одговорноста и границите меѓу црквата и државата. Во секој случај, најновите обвинувања јасно покажуваат дека конфликтот одамна ги надминал рамките на богословието и станал дел од поширока геополитичка пресметка.

Во овој контекст е особено интересен заклучокот што за природата на причините за овој конфликт го прави истакнатиот руски теолог Георгиј Флоровски, кој заклучува дека „руската мисла не страда од грчката угнетувачка доминација, туку напротив, страда од своето неразумно и глупаво прекинување на континуитетот на византиските и грчките традиции. Овој факт на отстапување од (византиското и грчкото) наследството, донесе во руската душа трајна и стерилна опсесија. Создавањето е невозможно без живи традиции. Негирањето на грчкото наследство денес може да се сведе само на црковно самоубиство“.

1 COMMENT

  1. Цариградскиот Патријарх никогаш не се сметал за Првопрестолен, особено не историски, па не може да се нарекува така ни денес. Факт е дека во вековите на својот процвет Цариградската Патријаршија покренала и раководела со исклучително значајни процеси во Православието, како што за нас најочигледен и најсветол пример е разбивањето на тријазичната ерес (притоа давајќи им полна слобода и одговорност на своите мисионери, на Св. Рамноапостолни Кирил и Методиј и на нивните ученици во остварувањето на просветителската мисија меѓу Словенитте). Но факт е и дека во текот на историјата многубројни ереси се изнедриле во Нејзините пазуви, кои не благодарение на Нејзините патријарси (од кои некои и самите биле еретици) туку на Светите боговдахновени Отци меѓу кои и некои цариградски патријарси биле надминати и со збор и на дело. Но, Православната Црква во својата совршена еклисиолошка поставеност ниеден престол и ниеден поглавар не го означила како носител на благодат која непроменливо и засекогаш би го извишувала над другите, ние немаме врховен Папа и не веруваме во ничија непогрешливост (иако православните Израелци до денес отскокнуваат во поглед на наследството во однос на другите, што е природно, без оглед чиј историски придонес кон Православието сме одлучиле да го возвеличуваме во даден историски период). Освен тоа, не е првпат да ги искривувате причините за неучеството на Руската Православна Црква на Критскиот собор и отсуството на поддршка за донесените одлуки на тој собор од Нејзина страна. Одржувањето на тој собор (кое се разбира со оглед на вековно наталожените административни, ако не и еклисиолошки проблеми во Православната Црква беше неопходно), особено затоа што стана драгоцена можност да се отворат клучни прашања и да се евалуира патот на Православието во посткомунистичкиот период, откако општествените пречки за неговата полна и слободна мисија во бројни земји беа отстранети. Тој собор растера голема магла, односно на богословски план ги разбистри позициите на Помесните Цркви околу наталожените отворени прашања. Но, иако не ги поддржа одлуките на соборот, одговорот на Москва беше најјасен и најгласен. Потребата отворено да се проговори за геостратешките калкулации или придружни последици од активностите не само на дотогаш нарекуваниот Прв по чест дури и од страна на Москва, но и подигањето на свеста од дејствувања што на неблагобитиен начин навлегуваат во државнички сфери и на останатите архиереи, не е нешто што треба да се промолкнува незабележано во име на некакво парадно благоглаголење. Значи, речникот за таа материја е таков каква што е Вистината. “Не изговарај го напразно името на твојот Господ” (2 Мој. 20, 7) е една од Божјите заповеди дадени на Мојсеј. (Иако Москва сигурно замерила и за отстапувачките евхаристиски практики во неправославни средини од страна на Цариградската Патријаршија). Но, издигањето на профаните појави во Црквата на богословско рамниште особено во сферата на геополитиката може да доведе единствено до погубно релативизирање на промашувањата и слабостите, што впрочем и се практикуваше до Критскиот собор.
    Околу прашањето на разединетоста на црковно рамниште во Украина гледаме дека плодовите од доделениот томос за автокефалност барем досега не се највкусни: во некои од насилно одземените храмови со дозвола/благослов се издаваат вулгарни театарски претстави со бучни оркестри и отворено дивеење. Можеби таа бласфемија е инцидентна, но видливи се и напорите на државната врхушка вештачки да создаде некаква нова, чисто украинска традиција, да воведе нов црковен календар, којшто впрочем е масовно бојкотиран од православниот украински народ. Понекогаш мора, при промашените добри намери и да и’ се погледне на вистината в лице: националистичката идеологија на украинските политички елити само навидум тежнее да воспостави изворни, автентични норми во општетството а наводно и во Црквата, а во пракса отворено им се додворува на своите западни спонзори прилепувајќи се за елементи од нивните култури и пренебрегнувајќи ја волјата на народот, а особено на правсолавниот верен народ.
    Навистина не знам дали Георгиј Флоровски говорел за грчки традиции, а ако говорел би значело дека не го познавал богатото историско наследство на Руската Православна Црква, во што чисто се сомневам. Руската православна историја е богата со толку отворени Божји чудесни интервенции од огромни размери (со воени победи по пат на црковни литии, со избавувања од епидемии и несреќи со чудотворни икони, со огромна плејада на Светители), што може да наполни цели Минеи безмалку без никаква потреба да вклучува светии од други помесни Цркви (а не го прави тоа, за разлика од Грците). Мислам дека укажувањата на Флоровски се однесуваат на општествени, а не на црковни состојби, дека адресантите се атеистички политичари и мислители, а не рускиот православен клир или народ. Всушност, дури и руската филозофска мисла во последните векови е далеку побогата од грчката, така што испреплетувања имало и ќе има, никој во човештвото не е сам за себе, но полагањето право на некаков византиски или грчки супрематизам и исклучивост во развојот на општествата е дури и комично.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img