Во духот на Бадниковите поворки 2026 и слоганот „Со Божикната радост, срца да стоплиме“, празничната Христова радост деновиве беше пренесена таму каде што најмногу се чувствува – во старските домови и меѓу дечињата од СОС Детско село.
Со божикната пештера во рацете и со детска искреност во срцата, групи дечиња пеејќи ја каландата „Вечниот Бог“ ги посетија Домот „Руски“ за стари лица во Ченто, како и Домот „Руски“ во Кадино.
-Ангелските гласови и радосната песна ги исполнија просториите со божикна топлина, внесувајќи насмевки, емоции и духовна утеха кај корисниците на домовите. Празничната песна одекна како благослов, потсетувајќи на вистинската смисла на Божик – љубовта, заедништвото и грижата за ближниот. Во ист дух, со особена љубов беше реализирана и посетата на дечињата од СОС Детско село. Преку насмевки, топли зборови и празнична атмосфера, беше споделена божикната порака на надеж и заедништво, при што Божик се почувствува како жива радост што се пренесува од срце до срце. Дечињата со радост беа поканети да се приклучат на Бадниковите поворки на 6-ти јануари и заедно да бидат дел од големото празнично семејство. Овие средби уште еднаш сведочат дека Христовата радост најсилно се доживува кога се споделува – во старските домови, меѓу децата и во секое срце отворено за љубов и добрина, велат од организацијата Бадникови поворки.
/Црковен журнал – Логос


