Вселенскиот патријарх Вартоломеј го спомна Киевскиот митрополит Епифаниј, за време на заедничката литургија со Бугарскиот патријарх Даниил во храмот на патријаршијата во Фанар.
Двајцата поглавари вчера отслужија заедничка литурија и на Големиот вход, како што е редот, Вартоломеј спомнувајќи ги поглаварите од Диптихот, го спомна и Епифаниј. Бугарската православна црква се уште не ја признава ПЦУ за автокефална.
Во бугарката црковна јавност има голем број проруски настроени верници, кои честпати пишуваат дека ерес е и сослужување со цркви кои ја признаваат автокефалноста на ПЦУ и го спомнуваат Епифаниј на литургии.
По сослужувањето на Даниил и Вартоломеј, архимандритот Никанор од БПЦ испрати порака до како што вели „оние што се сметаат себеси за многу православни“.
Оној што продолжува да тврди дека патријархот Вартоломеј бил „неправославен“, „еретик“, „расколник“ и слично, од денес нека не стапнува во храмовите на БПЦ, бидејќи бугарскиот патријарх Даниил и речиси половина од бугарскиот Свет синод сослужуваа и се причестија заедно со него. Апостолските и другите правила нема да ви ги потсетувам — вие самите ги мавтавте лево-десно низ интернетот на 30 ноември, и тоа на разни јазици. „Кој ќе служи со еретик или расколник, или ќе му дозволи нешто да врши во црквата…“ и така натаму. На поразумните меѓу вас се надевам дека конечно ќе се вразумат и ќе престанат да го клеветат свештеноначалието. Зашто кога јас го критикувам патријархот или некој архијереј за некој гаф, тоа е едноставно критика. Но да го обвинуваш својот патријарх и митрополитите дека служеле со „еретик“ и „расколник“ — тоа е вистинска хула, како против нив лично, така и против БПЦ, напиша Никанор.
