Вистински допир

Date:

Share post:

Очигледно е, по сѐ она што слушнавме од денешното евангелие, дека крвоточивата жена имала вистински допир до Христос. За да имаме вистински допир со Бог, потребна е восогласеност на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме.

Потребно е да се спомне нешто барем за допирот со Бог на првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите. Вистинскиот допир со Бог – на овој степен, се остварува со ставање на умот во процес на исцеление, преку послушание на духовниот отец и насочување на енергијата на нашиот ум молитвено кон срцето; што се однесува до нашето меѓусебно однесување, тоа го подразбира последното место, т.е. анонимноста, а вината за сѐ што се случува околу нас, секогаш ја бараме во себе и никогаш во некој друг. Ваквиот начин на живот ни овозможува енергетска собраност, наспроти енергетското растројство. Енергетското растројство нѐ внесува во душевно растројство, а тоа, пак, во растројство на личноста.

Да се потсетиме и на најчестиот пример од нашиот живот за енергетско растројство. Кога бараме само човечка правда и вината ја лоцираме во другите – надвор од себе, тогаш, секако ни се случува енергетско растројство: поголемиот дел од нашата енергија – сакале или не, го насочуваме кон оној што го сметаме виновен за несреќата што ни се случила; остатокот од нашата енергија го трошиме на погрешни сигнали – кон духовниот свет, кон другите луѓе и кон природата околу нас; ако нешто енергија и ни остане и ни текне да се помолиме, ја насочуваме кон Бог – во некој неодреден правец. Ако вината не ја лоцираме во себе, преку првенствено барање на Божјата правда, тогаш немаме целосна енергетска молитвена насоченост кон Бог во нашето срце, туку, се наоѓаме во енергетско растројство.

Човек, кој во потрага по Божјата правда, вината за што било, секогаш ја лоцира единствено во себе, енергијата на својот ум молитвено ја насочува кон своето духовно срце – кон Бог, а во тоа му помага и болката од претрпената неправда или тагата од сочувството за страдањата и неправдата која што ја трпат другите. Но, бидејќи собрано и молитвено ја насочува енергијата на својот ум кон Бог, во своето срце, тој доживува енергетски препород преку процесот на преобразување. Несоздадената Божја енергија ја преобразува нашата создадена енергија и полека ѝ дава неограничени можности и сила. Тоа е и објаснување за натприродните способности на светителите на Црквата.

Ако имаме вистински допир со Христос, друго сѐ е решливо – и исцеленијата на болестите, и воскресението на Јаировата ќерка, и канонското единство на Помесните Цркви; и Автокефалноста на една Помесна црква. Кога Христос веќе сме го привлекле кон себе, кога сме стапиле во лична заедница со Него – Тој самиот нѐ охрабрува: само верувај и не се плаши.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img