Кандидатот за градоначалник на Прилеп од коалицијата „Искуство за успех“, Жарко Бошкоски вели дека неговата главна мотивација да се кандидира за градоначалник на Прилеп е желбата градот да стане лидер во примената на вештачката интелигенција во локалното управување.
-Не е тоа како футуристичка идеја, туку како реален сервис кој ќе им го олесни употребна вредност и да ја ставиме да работи во корист на нашите граѓани и заедницата. Со тоа значително ќе се подобрат услугите и сервисите кои ги нуди локалната самоуправа. И ве уверувам дека Прилеп ќе биде само почеток и дека на крај, сите општини во државата ќе користат повеќе технологија во своите секојдневни обрврски, вели Бошковски.
Бошкоски има три приоритетни проекти.
-Како што споменав, првиот и најзначаен проект е воведувањето на револуционерен систем за работа кој ќе користи вештачка интелигенција за целосна транспарентност во општинските активности. Со воведувањето на АИ советник секој граѓанин ќе има пристап до сите општински информации во реално време, што ќе биде голем удар за корупцијата и ќе придонесе кон целосна отвореност на институциите. Вториот проект е „Возачка за млади“ – иницијатива преку која општината ќе ја субвенционира обуката за возачка дозвола за сите млади лица над 18 години. Со оваа мерка ќе им помогнеме на нашите помлади сограѓани полесно да се вклучат во пазарот на труд и да станат понезависни во носењето на своите одлуки. Лично сметам дека тоа е и една од обврските на локалната самоуправа, да им помага на младите и да ја гради локалната заедница преку воведување на корисни мерки и проекти, вели Бошковски.
Третиот проект е создавање на атлетска патека со справи за рекреација покрај кејот на градската река, простор кој ќе биде наменет за спорт, дружење и здрав живот.
-Прилепчани секојдневно го пешачат овој дел од градот и тој е во лоша состојба. Доколку дојдам на градоначалничката позиција имам план како да го сервисираме и ревитализираме кејот, кој наместо срам, треба да го краси градот, вели Бошковски.

