Коњановски: Битола ќе биде град со чист воздух и современ градски превоз

Date:

Share post:

Кандидатот за градоначалник на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски, во гостувањето на МРТ1 во емисијата „Локални избори 2025 – изборни соочувања“ зборуваше за реализираните и идните проекти, нагласувајќи дека новиот мандат ќе значи континуитет во развојот и унапредување на градот.

Коњановски потсети дека Битола во изминатите четири години била „едно големо градилиште“ и дека и понатаму ќе се инвестира не само во инфраструктура, туку и во културата, спортот и заштитата на животната средина – области што, како што истакна, ја дефинираат битолската традиција.

Во центарот на неговата програма се капиталните проекти за топлификација и изградба на прочистителна станица, кои се меѓу најзначајните за Битола.

-Проектот за топлификација е вреден над 40 милиони евра. Дел е веќе реализиран, направена е градска мрежа од 15,5 километри и уште толку кон РЕК Битола. Поврзани се 36 институции, а останува делот на станицата за дотоплување и отпочнување на активностите за Прочистителната станица, изјави Коњановски.

Додаде дека е рестартирано Меѓурегионалното јавно претпријатие „Пелалинк“, кое повторно е ставено во функција заедно со соседните општини Новаци и Могила.

-Пелалинк повторно функционира, ги користиме сите расположливи капацитети – минибуси, комби возила и електрични автобуси. Очекуваме од новиот владин повик Битола да добие уште 6 до 7 нови електрични автобуси, рече тој.

Коњановски се осврна и на еколошките мерки што се спроведуваат во градот:

-Проектот за топлификација решава дел од проблемот со загадувањето, но ќе продолжиме со мерки за подобар градски сообраќај. Размислуваме за затворање на централното градско подрачје за возила и обезбедување еколошки алтернативи за превоз. Субвенционираме инвертери, соларни колектори и енергетски фасади – десет училишта веќе имаат колектори, а до крајот на мандатот ќе ги имаат сите, додаде Коњановски.

На крај, тој нагласи дека Општина Битола има подготвени 65 проекти за кои се обезбедени средства и кои чекаат на реализација, со што, како што рече, ќе се заокружи визијата за модерна, енергетски ефикасна и зелена Битола.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img