На претстојните локални избори закажани за 19 октомври, покрај традиционалните политички партии, за власт во локалната самоуправа ќе се борат серија независни кандидати и за градоначалници и за советници.
Изборните кампањи, веќе три децении, наликуваат едни на други. Главно големите политички партии и коалиции го окупираат медиумскиот простор, нудејќи традиоционално исти ветувања.
Сепак, на овие локални избори можат да се сртенат нови, специфични форми на кампањи, претежно од независните кандидатури.
Една од најспецифичните, најоригинални и досега невидени кампањи за македонската јавност е онаа што ја води листата за советници во општина Центар, насловена Зевзек за Центар, под реден број 75 на гласачкото ливче. Таа кампања е на социјалните мрежи, изобилува со доста хумор, сатира, но и оригиналност.
Носител на листата е новинарот и препознатлив лик од телевизиските екрани Горан Ѓуровски, популарниот Зевзек. Оваа листа е составена од препознатливи, урбани ликови од општина Центар, меѓу кои се скопскиот лик Александар Маниќ – Манда, екс новинарот и антикорупционерот Горан Трепеноски, поранешниот секретар на општина Центар, Бојан Иванов. Меѓу нив има и млади, талентирани, амбициозни ликови, како Натали Георгиева, студентка.
Ѓуровски во изјава за Религија.мк вели дека се одлучиле за ваков тип на кампања, бидејќи веќе 30 години гласачите пред избори добиваат само лицемерни понуди. Затоа тие решиле да им ја сервираат реалноста.
-Се одлучивме на ова од причина што веќе 30 години следиме едни исти досадни кампањи. Лажни гушкања, лигавења и поздравувања со нарачан народ, читај партиски војници. Глумење лудило, вели Ѓуровски за Религија.мк.
Сепак, иако во кампањата се служат со хумор, велат дека имаат серизни идеи за развој на општина Центар, како што велат на пример воведување црногорска администрација (една од најуспешните реформирани јавни администрации на Балканот). Ветуваат модернизирање на двата зелени пазари во Центар со надградба на катни гаражи над нив. Ветуваат и лиценцирани општински архитекти, како и зауздување на лудилото на градби во Центар. Најавуваат и поголема безбедност за младите навечер. Општинско комунално претпријатие, кое ќе го направи Центар најчиста општина во Скопје. Бесплатно користење на општинските спортски сали за децата од Центар. Очекуваат центарци да ги препознаат нивните идеи и на 19 октомври да станат власт во оваа општина, за да видат гласачите дека може и поинаку.

