Скопје мора конечно да го расчисти најголемиот срам – загадениот воздух, дивите депонии и недостатокот на зеленило. Ова не е партиска тема, туку здравствено и човечко прашање за секој граѓанин“, изјави Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Скопје на СДСМ, претставувајќи го делот од својата програма посветен на екологија и животна средина.
Шукова најави решенија што, како што рече, „ќе почнат веднаш“ – вклучувајќи ги Дрисла, Вардариште, отпадот, парковите, загадувањето и екологизацијата на јавниот простор.
-Ќе го оградиме Вардариште, ќе поставиме 24/7 обезбедување и ќе ставиме крај на дивото фрлање и палење ѓубре. Паралелно, Дрисла ќе добие нова механизација, а процесот на управување со отпадот ќе биде под стручна и јавна контрола. Тоа го должиме на секој скопјанец“, рече таа.
Суштинска промена, според нејзе треба да биде отворањето на Центар за селекција и рециклажа, кој ќе овозможи 50% од отпадот да се рециклира наместо да завршува на депонија.
-Ќе поставиме паметни контејнери, ќе промовираме селекција од домаќинствата и ќе ја отвориме економијата на рециклирање. Отпадот е ресурс – само треба некој конечно да се фати со работа, а не само со изговори“, вели Шукова.
Во планот за здрава и зелена животна средина, Шукова вклучува и проект за урбано зеленило.
-Во првите 15 месеци – 15 нови паркови и 10.000 нови дрвја. Ќе засадиме, ќе одржуваме и ќе го раззелениме секое маало. Зеленото Скопје не е луксуз, тоа е основа за здравје и живот“, најави кандидатот за Скопје од СДСМ.
Најави и субвенции за приклучување на централно греење за домаќинствата кои сè уште се греат на дрва.
-Ние ќе го поддржиме секој граѓанин кој сака да премине на почист начин на греење. Загадувањето нема да го решиме само со апели, туку со конкретна помош и одговорна политика“, додаде таа.
Посебно внимание како што најави, посветено и на уредувањето на реката Вардар и кејот, како нов простор за рекреација и екологија. Таа го најави и проектот за зелени покриви на јавни згради.

