Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”-Скопје присуствуваше на свеченото отворање на Втората меѓународна академска конференција по повод 100 години од издавањето на реномираниот академски магазин Theologia.
Настанот се одржа во црквата “Св. Димитрија” во Солун, во организација на Светиот Синод на Црквата на Грција и Аристотелис Универзитетот во Солун, од 29 септември до 2 октомври 2025 година. Конференцијата, во свечениот амфитеатар на Аристотелис Универзитетот, ги собра влијателните професори од општествено-хуманистичките науки, водечките православни теолози и академици од различни универзитети од светот. Настанот се фокусираше на новите технолошки предизвици за науката и теологијата, претставувајќи значајна можност за афирмација од професорот Ѓуровски на академската мисла, размена на идеи на меѓународно ниво и промоција на работењето и истражувањата на УКИМ и Филозофскиот-Скопје.
На конференцијата присуствуваа Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, Претседателот на Хеленската Република Константинос Тасулас, повеќе поглавари на православни цркви и универзитетски професори од различни земји.
Професорот Ѓуровски учествуваше заедно со докторантот од студиската програма Безбедност на Филозофскиот факултет-Скопје Ставрофорен протопрезвитер м-р Бобан Митевски и други претставници од Правниот факултет-Скопје, проф. Александар Спасеновски и докторантка сестра Ефимија.
Во рамки на конференцијата се одржаа панел дискусии и академски дебати за влијанието на технологијата врз науката, демократијата и човечкото достоинство, како и за тоа како технолошкиот развој радикално го менува секојдневието и нашиот поглед на светот. Се нагласи дека технологијата треба да служи на човештвото, а не обратно, дека дигиталната доминација може да го инфантилизира човекот и дека е потребно да се зачува критичкото размислување и духовната зрелост.
Една од клучните теми беше влијанието на технологијата врз науката, особено во експерименталното потврдување на теории во квантната механика и концептот на четиридимензионален простор-време, што претставува еден од најголемите интелектуални предизвици на современото човештво.
Професорот Марјан Ѓуровски во панел дебатата и во разговорите со колегите и поглаварите на православни цркви, истакна дека технологијата и дигитализацијата носат ризици, како манипулација и инфантилизација на луѓето, и дека е потребно да се обезбеди рамнотежа помеѓу научниот напредок и зачувување на човечките вредности.
На конференцијата беше нагласена и потребата од единство на Балканот, со цел иднината на регионот да се гради на соработка и заедништво, а не на фрагментација. Настанот претставува значаен научен и духовен собир, кој ја потенцира улогата на технологијата, науката и теологијата во обезбедување одржлива и интегрирана иднина за општеството.

