Некогаш највлијателниот владика на руската црква, десна рака на Патријархот Кирил и исклучително важна личност во црковната дипломатија својата кариера ја завршува со секс скандал поврзан со неговиот ќелијар. Иларион Алфеев се најде во скандалозна приказна што ја раскажа и документира младо момче од Јапонија кое било дел од руската епархија во Будимпешта, каде Алфеев заврши непосредно по почетокот на руската воена агресија врз Украина.
Приказната на младиот Џорџ Сузуки ја објави „Нова газета Европа“, соделувајќи фотографии, видео и аудио записи за екс миленикот на патријархот Кирил, кој добил и унгарски пасош, станал сопственик на имоти во странство, луксузирање и секако секс скандалот поврзан со Сузуки, неговиот пријател од ќелијата.
Митрополитот Алфеев за „Нова газета Европа“, на обвинувањата од Џорџ Сузуки за сексуално вознемирување, тврди дека зад Џорџ стои жена која тврди дека е негова мајка и која се обидела да го уценува митрополитот, изнудувајќи надомест за морална штета наводно нанесена на нејзиниот син.
MОЌНИОТ ИЛАРИОН И ЌЕЛИЈАРОТ
Приказната почнува со една објава од Андреј Кураев, голем критичар на Кирил, кој објавува белешка со наслов „Спасување на Митрополитот Иларион“, наговестувајќи можен сексуален скандал околу него. Три дена подоцна РИА новости објавува текст „голема кражба во унгарската православна епархија“ со забелешка дека „изворот потенцира оти името на осомничениот не се објавува поради интерес на истрагата“. Подоцна се покажува дека тоа е Џорџ Сузуки поставен на потерница на унгарската полиција. Интересно е што момчето од фотографијата на потерницата претходно го има на сите фотографии каде се наоѓа и служи Иларион Алфеев.
Приказната што ја објавува „Нова газета Европа“ има седум епизоди и сите се поврзани за односот на митрополитот Алфеев со Сузуки. Во првата е објаснето како тие стануваат блиски соработници, откако Алфеев од втор човек во руската црква, заврши во најмалата европска епархија на РПЦ во Будимпешта. Во 2022 година, кога ненадејно одекна веста за неговата смена имаше различни толкувања. Едното беше дека тој е деградиран, поради неговите антивоени ставови за Украина, а втората дека всушност оди во Будимпешта каде треба да ги координира важните чекори на РПЦ во Европа кои би и биле потребни поради развојот на настаните, а Унгарија со Орбан е најсигурната линија за тоа. Алфеев тогаш само изјави: „Можете да сметате дека патот направи остро свртување и јас не се вклопив во него и излетав од патот“.
Митрополитот Иларион во Будимпешта лично го запознава 18 годишното православно момче од руско-јапонско семејство. Џорџ Сузука му се нуди да му служи како негов ќелијар, иако претходно се има допишувано со него. Постепено станува негов ученик.
Во својата изјава Сузуки вели дека на почеток со митрополитот комуницирал службено и дека живеел во своја посебна ќелија. По неколку недели Алфеев му понудил да се пресели во неговата ќелија за да му биде секогаш на помош. Во ноември 2022 година Иларион и Сузуки патуваат во Франција во куќа на женевско езеро, за која Џорџ тврди дека била на Митрополитот. Тука се случува и првиот физички контакт, откако Џорџ се разболел со треска, а митрополитот Иларион го соблекол и легнал до него во кревет со образложение да го загрее. Во сведочењето младиот Јапонец вели дека од тогаш редовно спиеле во исти кревет, но и дека до сексуален однос не дошло.
Според Сузуки, тој бил под постојан психолошки притисок, а во септември 2023 година, кога се обидел да изрази незадоволство, почнал да добива закани од Иларион: Митрополитот изјавил дека ако се разделат, младиот човек може да има проблеми.
По некое време, Сузуки го прашал митрополитот „Што ќе се случи ако го остави? – и го снимил одговорот на Иларион на аудио. На снимката Иларион вели дека Џорџ „ќе се чувствува лошо“ и „ништо нема да му оди“.
СУЗУКИ СЕ ДОКУМЕНТИРА
Оттогаш, Џорџ почнал почесто да снима што му се случува, наводно за да си ја осигури сопствената безбедност. На друга снимка, Иларион му забранува на Сузуки да носи пижами пред спиење. На снимките за кои уредниците на „Нова газета Европа“ велат дека ги имаат на располагање се слуша како Џорџ вели дека му е ладно, но Иларион одговара: „Не ти е ладно“. Или дека митрополитот вели дека сакал „да го почувствува со својата кожа“ и „да го положи како татко“. Неколку пати Џорџ ја заклучил собата – тогаш Иларион тропнал на вратата, а тој морал да ја отвори. Уредниците велат дека имаат видеоснимки од Иларион во долна облека како седи на кревет со речиси гол Сузуки.
Но, обвинувањата од Сузуки не се само за сексуално вознемирување врз него. Тој тврди дека Иларион Алфеев во Унгарија постојано своето слободно време го поминувал во забави.
– Има само едно формално канонско ограничување: не можете да пропуштите повеќе од три недели по ред во парохијата, за да не предизвикате непотребно сомневање кај парохијаните и обвинувања за кршење на Апостолското правило. Следејќи го ова правило, митрополитот ги планира своите тури со јахти и патувања до скијачките центри за да се врати навреме во Будимпешта за неделните служби. Некои од фотографиите што ги сподели Сузуки укажуваат на тоа дека тој самиот уживал во удобен живот со Иларион: заедно оделе во ресторани, одмарале во скијачките центри, а во слободно време младиот човек одел на пловење, пишува „Нова газета Европа“.
ЛУКСУЗ И ЗАБАВИ
За време на нивниот заеднички живот, телефонот на Сузуки собра докази за луксузниот живот на архиерејот. На пример, договор за купување на имот со површина од 2360 квадратни метри за 2.150.000 евра во предградијата на Будимпешта. Според договорот, замокот на Иларион има 14 соби, базен, теретана, винарска визба и паркинг за шест автомобили. На една од снимките што ги направил Џорџ, Иларион раскажува како ја продавал својата колекција скапо вино за да купи мебел за неговата куќа за 15 илјади евра. На друга снимка, Иларион вели дека добил пари за замокот од продажбата на неговиот стан на Арбат и донации од „спонзори“. Според Џорџ Иларион ги убедил своите спонзори дека со парите ќе се изгради скит, односно манастир. Иларион на снимката ја нарекува својата куќа „Скит“, но потоа се коригира и признава дека поседува „Замок“.
Иларион не негира дека е сопственик на имот во Унгарија. Тој тврди дека купувањето недвижен имот и неговиот не монашки начин на живот мора да се објаснат со „хонорарите“ што ги добивал за неговите многубројни книги и филмови, за кои „може да се прочита на Википедија“. Иларион наведува дека не добил спонзорски пари за купување на имот во Унгарија.
Во јануари 2024 година, Сузуки решил да избега. Откако го убеди Иларион дека треба да направи тест на крвта во Будимпешта, тој ја напушти парохиската територија, ја напушти земјата и се врати во Јапонија. Пред да замине, од куќата на Иларион зел скапи часовници и пари во вкупна вредност од 30 илјади евра. Сузуки тврди дека по многу месеци живеење во страв, тој не бил во можност разумно да ја процени ситуацијата и одлучил дека имајќи ги вредностите на Иларион ќе му помогне да избегне понатамошен притисок од митрополитот, што дури го пријавил во јапонската амбасада.
Она што следува подоцна, според сведочењата и доказите од Сузики се преписки меѓу Иларион и мајката на момчето, во кои Иларион нудел пари за да Сузуки заборави сè што се случило
Пред се’, на објавените снимки не гледаме никаков замок, туку горе-долу современа просечна епископска резиденција. Понатаму, очигледно е дека “секс скандал” во случајов не постои, а постои таква демонска помисла во главата на послушник кој не бил подготвен да влезе во смислата на пасивното послушание, кое секако еден ден доведува до чин на отворено активно непослушание. Значи, привилегијата да има можност за суптилни духовни вежби какви што имал Џорџ Сузуки обично меѓу монасите, искушениците и попосветените духовни чеда од редовите на мирјаните и воопшто кај поупатените во православниот духовен живот се смета за исклучително скапоцена, иако во денешно време ретко има луѓе со сериозен подвиг на трезвеноумие коишто можат добро да ги искористат умешно поставените искушенија од страна на духовниот отец за свој драматично поголем духовен раст од оној што би го постигнале во некои “нормални” услови без неопходните стапици за примање/одбегнување на помислите од лукавиот или од архивите на паднатиот непреобразен ум (ние обично си замислуваме скит, пештера, мала свеќа сред голема темница, кандило, темјан и друг класичен инвентар како некој гарантиран амбиент за духовно растење, ама Господ вели дека ни треба тајната крлетка на нашето сррце, вели дека се’ значајно се случува во умот и во срцето на човекот, а не во некој материјално прилагодени ентериер, облека, манири). Св. Јован Богослов во текот на Тајната Вечера ја навалил главата на градите Исусови – во очите на современиот човек денес тоа веројатно би било и соблазнително. Св. Апостол Петар пливал наполно гол во присуство на други Христови ученици по Воскресението Христово, па и Христос бил крстен пред очите на многуброен народ без никаква облека на себе. Какоѓникој не се соблазнува од тие моменти во Евангелието! Или некој сепак се соблазнува? А ако веќе се соблазнува, ич нека не се нафаќа да анализира, да расправа јавно, да го растура отровот на своето неверие за да соблазни и други. Секако, главниот проблем на нашето време е што исклучително тенкосетни духовни теми се изложуваат пред судот на сеопштата црковна и нецрковна јавност, од која најголем дел се полуписмени или духовно неписмени “аскети” или луѓе кои имаат потполно искривоколчен поим за тоа што е аскетски подвиг (т. е. под тој термин главно подразбираат телесно воздржување на сите сетилни рамништа и доброволна сиромаштија). Значи, човек кој се поистоветува со своите помисли, кој не знае да ги држи чувствата и мислите на растојание, кој нема вера во својот духовен отец (а без вера/доверба нема ни послушание) не може да стане подвижник, да се бори со ѓаволот, чија главна задача е да му внуши помисли на недоверба, да го доведе послушникот до состојба на соблазнетост од својот духовен отец, и со тоа да ја растури нивната света врска. А ако не го може тоа не може ни да одржи траен однос со Бог. Сите читатели со активен духовен живот што ќе го прочитаат ваквиот напис за т. н. секс скандал заедно со сите други клевети против Митрополитот Антониј Алфеев веднаш ќе сфатат дека е тоа еден по малку јуродив подвижник, многу креативен и во односот кон духовното чедо и воопшто во рамките на својата епископска позиција и ќе го почитуваат многу повеќе од претходно. А останатите треба допрва да влезат во благодатен начин на бивствување, во подвиг на безусловно послушание кон духовен отец, па и да пораснат малку во тој подвиг за воопшто да можат да сонуваат за нешто поголемо. Бидејќи да се суди и осудува на поле од кое немаш никаков абер е празна и пуста, безидејна работа.