Претседателката на Швајцарската Конфедерација г-ѓа Виола Амхерд официјално го покани Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј да учествува на Меѓународниот самит за мир во Украина, кој ќе се одржи на 15 и 16 јуни во Бургенсток, кантонот Нидвалден. Неговата Сесветост е единствениот верски водач кој е поканет на Самитот.
На овој самит учествуваат претставници на 92 земји и 8 организации. Придружбата на Неговата Сесветост ќе биде составена од Митрополитите г. Емануел Халкидонски и г. Максим Хелветиски и Великиот Еклисиарх г. Аетиј, раководител на Патријаршиска канцеларија.
Конференцијата се фокусира на три теми: а) безбедност на снабдување и слобода на навигација, б) нуклеарна безбедност и в) човечка димензија (ослободување на воени затвореници и киднапирани деца), кои се засноваат на „Формулата за мир“ (план од десет точки), којашто беше претставена од претседателот на Украина Володимир Зеленски, во ноември 2022 година.
На самитот учествуваат десетици сојузници на Украина, но не и Кина. Москва го нарече самитот губење време, велејќи дека нема интерес да присуствува.
„Самитот ризикува да ги покаже границите на украинската дипломатија“, рече Ричард Гован, раководител на одделот на OОН за кризи во International Crisis Group. „Сепак, самитот е и можност Украина да го потсети светот дека ги брани принципите на Повелбата на OОН.
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека Москва е подготвена за мировни преговори дури и „утре“, доколку украинските трупи се повлечат од регионите Запорожје, Херсон, Доњецк и Луганск и доколку Украина се откаже од плановите за членство во НАТО. Киев ги отфрли условите на Путин како „апсурдни“.
/orthodoxianewsagency.gr

