Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на посетата на Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, денеска во Апостолската палата имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск.
Претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за упатените честитки од Папата Франциск по повод нејзиниот избор за Претседател и истакна дека ѝ претставува особена чест во годината кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави, да ја предводи државно-црковната делегација на овој значаен настан.
Таа истакна дека историската посета на Папата Франциск на нашата земја остави силна трага во билатералните односи и го потврди високиот степен на доверба и пријателство меѓу двете држави.
„Претседателката изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат нашата држава уште поинтензивно ќе се залага за продлабочување на севкупните односи со Светиот Престол, со цел јакнење на партнерството и негување на меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции.
Претседателката Сиљановска Давкова и Папата Франциск ги разгледаа можностите за унапредување на институционалната соработка во областа на образованието, науката и културата и разменија мислење за тековните предизвици со кои се соочува католичката заедница во нашата држава.

