Остра реакција на Власите – Зошто МПЦ-ОА проповеда радикален национализам?

Date:

Share post:

Заедницата на Власите, реагира на постапките на политизација на МПЦ-ОА, собено што тоа доаѓа од структури внатре во Црквата. Во реакцијата, Власите, посочуваат на штетноста што може да произлезе од наводната Декларација за МПЦ-ОА, што неодамна ја поддржа Преспанско-пелагониската и Австралиско-Новозеландската епархија, предводени од Владиката Петар.

Власите во Македонија, кои отсекогаш биле конструктивен елемент во општеството и на македонската држава, воопшто, а во однос на Православието, во случајов конкретно на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, нејзини сеоддани членови и исполнителни вреници, велат дека со будност ги следат последните случувања во Македонската православна црква – Охридска архиепископија и притоа ја изразуваат својата непријатна изненаденост и зачуденост за тоа во кој правец тргнало дел од црковното раководство.

-Имено, повод за нашата реакција е неодамнешното официјално застанување зад т.н. „Декларација за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија“ на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, кој воедно е дел од Светиот Синод на МПЦ-ОА. Декларацијата може да се најде на официјалната страница на Преспанско-пелагониската епархија, што значи дека де факто таа е поставена со знаење и одобрение на посочениот владика и на неа го пишува следново: „Поддржете ја иницијативата за потпишување на Декларацијата и истата масовно споделувајте ја!“ Во вториот, најскандалозен член на т.н. декларација, дословно се вели: „Во сето свое живеење, и однесување, како православен ќе ја сведочам Православната Вера, македонската нација, јазик и култура и сѐ друго што ја прави македонската посебност, во вистинска смисла на зборот, што нас нѐ одликува со сите посебности и доблести како народ, Црква и нација, особено денес кога ни е загрозен црковниот и националниот идентитет, од парацрковни и паранационални групи и заедници“. Се прашуваме дали е ова реторика на еден православен духовен водач или, пак, на некој инструиран политички лидер кој повикува на некаков масовен националистички митинг и дали ние Власите евентуално треба да се пронајдеме во „паранационални заедници“, зашто не сме Македонци? Како МПЦ, со ваквиот повик на национално изјаснување и определување само кон македонскиот народ, планира да ја извршува својата мисија меѓу другите народи во земјава, и тие кои се веќе православни, но и тие на кои треба во иднина да им се сведочи евангелската вистина? Всушност, целокупниот текст во т.н. декларација е срочен спротивно на духот на православната христијанска вера и е во некаков тесен национал-роматнизам и шовинизам, стои во реакцијата.

Имајќи го предвид ова, како заедница на едно национално малцинство Заедницата на Власите прашува дали е ова правилниот дух на православието, кое по природа е универзално за сите народи, држави и социјални слоеви.

-Зошто Црквата во Македонија толку отворено пропагира штетен национализам, истакнувајќи ги постојано името македонска, како таа да ѝ припаѓа само на една нација, а не на секој православен во земјата? Дали ваквата сегрегација, која во многу нешта потсетува на декларациите во Германија од 30-тие и 40-те години на минатиот век, нè исклучува нас како Власи, кои активно сме учествувале во создавањето и на македонската држава и на православната Црква во неа, да смееме да одиме во православните храмови во Македонија и да се помолиме? Понатаму, што се случува и со останатите национални малцинства, чијашто народна припадност е загарантирана со Уставот на државата, а за жал, оспорена од ваквите националистички испади на црковните челници? Што е со Македонците со муслиманска вероисповед? Не се ли и тие дел од „македонската нација, јазик и култура и сѐ друго што ја прави македонската посебност“, само затоа што не се православни? Каде е тука универзалниот дух на христијанството? Се чини дека некои сè повеќе ја претвораат МПЦ-ОА во исполитизирана институција околу која се групираат луѓе не со чиста вера во Бога, туку со шовинистички и националистички намери,потенцира Заедницата на Власите во Македонија.

-Ние испитавме и дојдовме до заклучокот дека во православниот свет не треба и не смеат да постојат „национални цркви“, бидејќи таквата појава, е осудена како ерес од страна на Православната Црква во 1872 година. И токму затоа ниедна помесна Православна Црква не е официјално заведена како црква на некоја одредена нација, туку како црква на сите православни, без разлика на нејзиното функционирање во дадена територија или држава. Тоа значи дека Црквата е за сите православни во соодветните држави, а не само на мнозинската нација. Иако постојат примери кога некои Православни Цркви ставаат национален предзнак, сепак, тоа го прават самоволно и крајно погрешно, бидејќи на тој начин ги претвораат црквите во инструмент за национализација. Зарем треба и нашата Црква да ги земе лошите примери и да стане ретроградна шовинистичка институција од 19. век и во ова современо дело да прави дикриминација по однос на национална припадност? Се прашуваме дали утре владиката Петар, или некој друг, ќе побара и ние Власите да ја смениме националната припадност или да зборуваме само македонски ако сакаме да се црквуваме во храмовите на МПЦ-ОА? , велат во реакцијата.

Заедницата на Власите во Македонија очекува брза реакција од Синодиот и од Владиците  да не подлегнуваат на штетни притисоци и да не дозволуваат поделби во општетството по внатреправославна линија.

-Апелираме до Синодот на МПЦ-ОА и до здраворазумните владици да не подлегнуваат на притисоци и уцени, туку чувајќи го изворното учење на Црквата, кое не прави поделби на Елини и Евреи, ниту на робови и слободни, на машки пол и женски итн., да ги спречат овие обиди и да не дозволат дефинирање на Православието на овие простори по национален клуч. Верувам дека сите сме свесни, имајќи го предвид лошото поблиско и подалечно историско искуство на Балканот, до каде може да доведат националистичката реторика и обидите за асимилација и негирање на другите. Затоа, ќе посочиме уште еднаш, бараме од САС на МПЦ-ОА отфрлање на ваквата декларација која прави обид за национално радикализирање на Црквата која ни припаѓа подеднакво на сите. Се прашуваме: има ли место во една таква национал-шовинистичка организација за Власите и за другите етнички малцинства во Република С. Македонија како припадници на Православната вероисповед? Ние не сакаме да бидеме само статистички процент на верници од една верска заедница во земјава, при тоа дефинирани како припадници на национална посебност на која, всушност, не припаѓаме. Едноставно сакаме да биде дел од Црква во која има место за сите и која им припаѓа на сите православни, без разлика на нивната етничка припадност, стои во реакцијата на Заедницата на Власите во Макдонија.

1 COMMENT

  1. Таква дрскост во македонското општество не е изненадување, но кога се работи за единственото име на нашата совршено топла и чудесна, одамна дарувана со полнотата на благодатта Христова, со неисцрпна мајчинска љубов посветена на спасението на сите нас, Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, во Која откога знаеме за себе се спасуваме ние, боготрагателите во Македонија, принесувајќи плод на покајание, а наоѓајќи несоборлив возврат и осенување бивајќи прифатени во Нејзините Божествени прегратки полни со благомирисот на непосрамливата надеж и вечно живата љубов во Христа… не е просто гест на Јуда Искариот да грабаш по триесетте сребреници (пословично примерени на митот за Власите како народ), туку и сигурен чекор да се најдеш себеси далеку зад портите коишто пеколот нема да ги надвладее… Вие ли денес најдовте да соорите за името на нашата возљубена Мајчичка, Црква непресушно Света, сељубечки нежна и блага кон сите што И’ притекнале за духовна помош и восиновување во Бога, Нејзиниот Единствен Возглавител? Ех, Власи, Власи… Не е се’ во коварствата, има нешто и во верноста!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img