Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски денеска бил на средби со Дебарско-кичевскиот митрополит на МПЦ-ОА, г. Тимотеј и со охридскиот мутија Самет еф. Хајдари.
Сотировски имал одвоени средби со претставниците на МПЦ-ОА и на ИВЗ во Охрид, а разговарале за отворените прашања со кои се соочуваат верските заедници и нивните верници во овој дел до Македонија.
На средбата со владиката Тимотеј била истакната потребата од соработка во заштитата на недвижното и движното црковно културно наследство со кое Охрид е препознатлив во целиот свет.
-Директорот Сотировски прими честитки за изборот од Митрополитот Тимотеј и притоа ја истакна својата почит за целокупниот придонес што г. Тимотеј го има за македонското општество во духовна, културна и етичка смисла. Во идниот период КОВЗРГ и Дебарско-кичевската епархија ќе ја продлабочат својата соработка во повеќе области од взаемен интерес, стои во соопштението од КОВЗРГ.
На средбата со Муфтијата Хајдари било разговарано за сите отворени и прашања важни за муслиманите во Охрид.
-Беше взаемно истакната потребата од зголемена и искрена соработка во насока на унапредување на верските слободи и права на граѓаните. Директорот Сотировски истакна: „Меѓуконфесионалната стабилност на општеството бара од сите нас посветеност и меѓусебна доверба, која пак се гради низ годините со многу толеранција и гестови на добра волја“, стои во соопштението од КОВЗРГ.

