Канадскиот премиер Џастин Трудо е втор државник од Северна Америка кој по Доналд Трамп остварува средба со римокатоличкиот поглавар папата Франциск. Тие разговарале за предизвиците на модерниот свет, но исто така посветиле внимание и на историјата, особено на инволвираноста на црквата во прогонот на домородното население во Канада.
Трудо го повикал папата Франциско да ја посети Канада со цел да поднесе пред претставниците на домородното население извинување од Римокатоличката црква поради полувековните измачувања на децата од автохтоното население што биле сместени во домови, управувани од верски заедници.
Во Канада речиси 150.000 деца од домородното население – Индијанци, Метиси и Инуити биле принудно населени во 139 домови, управувани од религиозни заедници од името на канадската Влада.
Дел од децата биле понижувани и сексуално малтретирани.
По средбата, канадскиот премиер и папата изјавија дека разговарале на темите за интеграцијата и помирувањето, за верските слободи и за актуелни проблеми од етички природа.
Владата на Трудо посвети големо внимание на домородното население кое и во 21-ви век сеуште живее во очајни услови без соодветно образование, здравствена и социјална заштита.

