Германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лајен одби да носи хиџаб во текот на посетата на Саудиска Арабија. Таа беше облечена во деловен костум за време на средбите во Ријад, пишува Daily Mail.
Неколку дена откако Ангела Меркел побара забрана за бурки во Германија, германската министерка за одбрана е мета на критики од жителите на Саудиска Арабија, затоа што не носела хиџаб во нивната земја. На Twitter таа исто така беше критикувана бидејќи не носела традиционална саудиска облека.
Германската министерка одбила да носи хиџаб, велејќи дека жените треба да го имаат истото право за избор на облека како и мажите. Таа се сретна со принцот Салман бин Абдулазиз Ал-Сауд, и пред него го искажа својот став.
Министерката наиде на негативни критики во оваа конзервативна земја, а на социјалните мрежи луѓето пишуваат дека треба да биде уапсена, бидејќи ја навредила земјата.
Сите жени во Саудиска Арабија, локални и од странство, законски мораат да носат абаја, традиционална облека што го покрива целото тело. Жените-муслиманки мораат да носат и марама на главите или хиџаб, но жените од странство не мора да носат.
Министерката го следеше примерот на Мишел Обама, првата дама на САД, која не носеше хиџаб за време на посетата на Саудиска Арабија. Во 2013 година принцот Чарлс и Камила ја посетија земјата, а Камила не носеше абаја, ниту марама на главата кога се сретна со кралот Абдула.
Британската премиерка Тереза Меј минатата недела се сретна со кралот Салман и не носеше абаја, ниту марама.
Изгледа дека овие моќни жени можат да им се спротивстават на правилата во земјата, но ако жените во Саудуска Арабија се обидат да го направат тоа, завршуваат во затвор. Пред само два дена една млада жена беше уапсена бидејќи го тргнала својот превез во јавност.

