Почетна Коментар За државниот грб и знаме
За државниот грб и знаме

За државниот грб и знаме

963
0

Бидејќи сме сведоци на сè почести барања за промена на симболите на нашата држава Република Македонија, која е единствена матична земја на македонскиот народ, но и единствена земја во светот со толку широки права за малцинствата што живеат во неа, како нејзини совесни граѓани и смирени служители во Христа на сите народности во неа, како монашко братство чувствуваме потреба, но и одговорност пред вистината и логиката, да го изложиме и ние своето мислење за ваквите тенденции.

Државните симболи на Република Македонија немаат етнички карактер, што би означувал припадност само на една етничка заедница, туку подеднакво ги претставуваат сите националности што живеат на нејзината територија.

Македонскиот грб во грбовникот на Коренич-Неорич, 1595 г.

Имено, во науката е добро познато дека историски земски симбол на Македонија е лавот, кој води потекло уште од Средниот век. Според нашиот познат хералдичар Јован Јоновски, кој се повикува на авторитетни имиња од светската хералдика, постои голема веројатност лавот како грб на Македонија за првпат да се среќава во грбовникот на Станислав Рупчич, составен околу 1340 година, кој, за жал, не е зачуван.

Но, како и да е, во хералдиката е веќе потврдено дека досега најстар зачуван приказ на македонскиот грб со лавот е оној во т.н. Лондонски грбовник, датиран пред годината 1595, кога е составен и грбовникот на Коренич-Неорич, за кого долго време се сметаше дека е најстариот сочуван грбовник во кој се среќава македонскиот лав. Во Лондонскиот грбовник, кој е најстар примерок од првата рецензија на грбовникот на Рупчич, македонскиот грб е прикажан на следниов начин: „(на) црвено, лав (рампант), наоружан црвено, над главата круна, двете златни, штитот окрунет со древна круна.

Круната на штитот е над главата на лавот, но ја следи линијата на главата, што практично покажува дека намерата на оваа круна е да е го крунисува лавот, а не да е посебен амблем.

Македонскиот грб во Лондонскиот грбовник, пред 1595 г.

Во тој случај блазонот треба да биде: црвено, златен крунисан лав наоружан црвено, штитот крунисан со древна круна. Тука лавот е прикажан со обид за тродимензионална зооморфност, со канџи и со крзно, со употреба на нијанси и сенки. Штитот е од германски тип, а круната е древна, со пет краци, и е украсена со скапоцени камења“. Речиси идентичен приказ на овој грб е тој што е претставен во грбовникот на Коренич-Неорич, кој, пак, е втор во низата од првата рецензија на грбовникот на Рупчич. Понатаму, лавот како грб на Македонија го наоѓаме во неколку верзии во: Алтхановиот (Болоњски) грбовник (1614 г.), Белградскиот (1620 г.), Фојничкиот, грбовникот на Павле Ритер Витезович (1694 г., печатен 1701 г.), Стематографијата на Христофор Жефарович (1741 г.) и во други грбовници, како и на знамиња, во храмови итн.

Македонскиот грб во Алтхановиот грбовник, 1614 г.

Меѓутоа, по создавањето на Народна Република Македонија, под силно влијание на социјалистичката идеологија и по урнек на грбот на амблемот на СССР, бил составен и амблемот на новата македонска држава, кој останува да се применува како грб на државата и до наши дни, со таа разлика што во 2009 годена е отстранета црвената петокрака.

Впрочем, и по осамостојувањето на Македонија и формирањето на нашата современа Република, поради претерана политизација, уште еднаш беше пренебрегнат фактот дека историски симбол на Македонија е лавот, така што како официјален грб на државата остана социјалистичкиот. Значи, денешниот грб на Република Македонија не репрезентира ниедна етничка заедница, ниту, пак, нејзиниот културен и историски идентитет. Во најмала рака – тој претставува симбол на заедничкото поблиско минато на сите националности во РМ.

Исто така и современото знаме на нашата држава, што како симбол го има сонцето, не е обележје на ниедна народност, туку подеднакво ги „грее и им свети“ на сите граѓани на Република Македонија, без разлика на нивната припадност.

Македонскиот грб во Белградскиот грбовник, 1620 г.

Всушност, сегашното наше знаме е стилизирана измена на шеснаесетзрачното сонце, пронајдено на поклопецот на едно ковчеже при ископувањата на кралската гробница во Кутлеш, во 1977 година, и, за разлика од лавот, нема историска основаност да биде сметано како земско обележје на Македонија, а уште помалку како етничко. Меѓутоа, штом нашето народно Собрание го избра и го изгласа како официјално знаме на државата (а одлуките во Собранието се носат со мнозинство што е определено со Уставот, а не по етничка линија), секој граѓанин треба да се однесува кон него со должна почит, бидејќи тоа ја претставува современата македонска мултиетничка држава.

Затоа, посегнувањето по државните симболи и нелогичните барања за нивна промена од страна на една етничка заедница која себеси се претставува за лојален дел од нашата заедничка држава, но и конструктивен придонесувач во мултиетничкиот карактер на истата – систем во кој владее законот на компромисноста, а не на себичноста и постојаното незадоволство, се навистина недемократски и неетички, дотолку повеќе што Македонија и македонскиот народ покажаа најголема демократичност и снисходливост, дозволувајќи им на сите граѓани еднакво да ги уживаат своите права и потреби.

Македонскиот лав во Стематографијата на Жефарович, 1741 г.

Накрај, би скале да нагласиме дека однапред ги отфрламе сите намери оваа наша реакција да биде ставена во некаков или нечиј политички контекст, зашто истата претставува став на лојални граѓани на оваа држава по однос на актуелно прашање, став кој се темели на вистината и аргументите.

Пишува: Монашка Обител Бигорски Манастир

 

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *