Почетна Анализа Српската автономија на Вранишковски е нелегитимна
Српската автономија на Вранишковски е нелегитимна

Српската автономија на Вранишковски е нелегитимна

1.56K
3

Православната црква го објави документот кој се однесува на „Автономниот статус на црквите“ и кој усогласен меѓу работните групи на автокефалните цркви ќе се најде во јуни на Соборот на православната црква.

Во него стриктно се предвидени условите за добивање автономија, начинот и правилата за нејзино давање, како и последиците и статусот на „автономните цркви“.

Според овие утврдени точки и принципи, Јовановата автономија на Православната Охридска Архиепископија (ПОА) во Македонија, практично е нелегитимна. Таа се коси најмалку по два основи од она што Православната црква го има зацртано како правила за нејзино доделување.

Првиот и најзначаен основ е територијалната позиционираност, односно територијата на која може да се определува и доделува автономен статус.

Според петтата точка од условите за доделување на автономијата, СПЦ практично и не може да додели автономен статус во Македонија.

Во таа точка јасно е прецизирано дека „Секоја Автокефална црква може да додели статус на автономија само во границите на нејзината географска област. Во пределот на Православната дијаспора не се основаат Автономни Цркви, освен преку сеправославна согласност, обезбедена од Вселенскиот Патријарх, според сеправославниот обичај.“

Географски и административно-политички СПЦ припаѓа во други граници, на друга држава. Терминот „географска припадност“, што во правилата го користи Православната црква го означува токму тоа, дека нејзината моќ да доделува автономија е само во географските граници на српската држава. Во географската карта на Србија Македонија не е дел, туку и географски и административно-политички е посебна државна единица, со своја географска област и меѓународна верификација на таа географска територија.

Таа точка е многу важна и практично ја лоцира можноста до каде се протегаат ингеренциите на една Црква.

Но, во случајот со Македонија има уште еден важен момент. СПЦ ниту јурисдикциски не може да додели автономен статус во Македонија. Иако српските архиереи сметаат дека епархиите во Македонија се нивна јурисдикција, сепак некои одлуки донесени токму од СПЦ и тоа во не така далечното минато, јасно говорат дека денес СПЦ дефакто нема јурисдикциски ингеренции во Македонија.

За потсетување, согласно одлуките на Соборот на СПЦ, АС/47 од 1959 година и записникот број 57 од 17/4 јуни 1959 година, СПЦ самата потврдува дека нема ингереренции врз епархиите во Македонија, за кои со овие одлуки констатирала дека функционираат во посебна Црква, која се води од свој Устав.

МАКЕДОНИЈА НЕ Е ДИЈАСПОРА НА СПЦ

Овие два елемента се само едно од толкувањата зошто српскиот „Томос“ за автономоста на ПОА, според овие правила е нелегитимен.

СПЦ не може да додели автономија на ПОА во Македонија ниту ако сметаат дека Македонија е некаков дел од „Православната дијаспора“. Зошто?

Прво, „Православна дијаспора“ подразбира луѓе кои живеат надвор од географските и јурисдикциските граници на една црква, а припаѓаат и црквуваат во истата таа црква. Најчесто таа се врзува со етничката припадност на верниците на таа црква со државата во која функционира. Беспредметно е да се објаснува дека во Македонија живее народ, етнички различен од српскиот и народ кој не црквува во СПЦ, освен ако некој во врвот на СПЦ не мисли поинаку.

Тоа значи дека СПЦ по основ на „Православна дијаспора“ во Македонија не може да доделува автономија.

И уште еден момент од оваа точка е многу важен.
Точката од правилата за доделување Автономија воопшто и не дозволуваат да се доделува автономија во „дијапсората“, освен ако не е обезбедена сеправославна согласност, нешто што не е случај со ПОА, бидејќи томос за таква автономност дава Вселенскиот патријарх. Во томосот на ПОА, стои потписот на Српскиот патријарх.

Друг интересен момент во целата оваа приказна „автономна ПОА“ е фактот дека одлуката на СПЦ од 2005 година значи доделување на „автономен статус“, на две различни црковни ерархии во Македонија.

Со оглед на тоа дека СПЦ во 1959 година, кога го признала возобновувањето на МПЦ со откажувањето од јурисдикцијата и доделила и автономија. Таа одлука за доделување на Автономија на МПЦ никогаш со ниту една одлука на Соборот на СПЦ не е поништена, што пак значи дека е невозможно доделување автономија и на друга црковна организација од иста автокефална црква.

ВРНИШКОВСКИ И ПОА НЕ БЕА ЦРКВА ЗА ДА БАРАТ АВТОНОМИЈА

Нелегитимноста на Јовановата автономија е јасна и од првата точка на овој документ. Во него пишува „ Помесната црква која бара Автономија, доколку располага со потребните црковни и пастирски предиспозиции, поднесува соодветна молба до Автокефалната Црква на која се однесува, објаснувајќи ги и сериозните причини кои го налагаат поднесувањето на таа молба.“

Јован со двајцата епископи, Јоаким и Марко, што СПЦ ги создаде за свои потреби
Јован со двајцата епископи, Јоаким и Марко, што СПЦ ги создаде за свои потреби

Каде е нелегитимноста?
Всушност, црковната ерархија на Вранишковски и не постоела како црква. Тој бил дел од МПЦ, а во СПЦ заминал како Владика на МПЦ. Преку ноќ беше направен „Егзарх на СПЦ за Македонија“, а во само една година СПЦ воспостави единствено човечки неопходни ресурси со избор на уште двајца владици за да се формира Синод на ПОА. Таа т.н. Црковна ерархија на Јован немаше ниту еден објект, ниту еден манастир, ништо што означува инфраструктура на некаква црква.

Речиси паралелно, пак, за само година и половина, СПЦ го издаде и „Томосот“ за автономноста на ПОА. Вранишковски тогаш не располагаше со никакви „пастирски и црковни предиспозиции“, за да поднесе молба до Автокефалната СПЦ, ниту, пак, имаше „сериозно објаснуваење за причините“, како што тоа го налагаат правилата за да побара Автономија.

СПЦ пак немаше никаква основа таквата автономија да и ја додели, ако се имаат во предвид условите кои се бараат. Тоа значи дека „Томосот“ на СПЦ за Јован, освен што е нелегитимен и по овој основ, со  постапката за негово доделување се покажува дека тој е инициран и мотивиран исклучиво од политички и национал-шовинистички интереси на СПЦ. Целта не беше да се реши црковното прашање во Македонија, по одлуката на МПЦ да прогласи Автокефалност во 1967 година, туку да се растури црковната ерархија на Црквата која веќе имаше добиено автономија од СПЦ.

СУШТИНСКАТА РАЗЛИКА МЕЃУ „УКРАИНСКОТО“ И „МАКЕДОНСКОТО“ ПРАШАЊЕ

За да бидат работите појасни, особено за оние кои „македонското црковно прашање“ го поистоветуваат со „украинското црковно прашање“, треба да се разграничат некои состојби.

Прво, двата црковни проблема воопшто не кореспондираат еден со друг.

Првата и најзначајна разлика е во тоа што во Украина има голем број на руско население, кое припаѓа на „Украинската православна црква- Московски патријархат“, што во Македонија не е случај. Напротив, во Македонија најголем процент од српското население сегогаш црквувало во МПЦ.

Врвот на УПЦ-Московски патријархат, во времето кога Филарет беше нејзин член
Врвот на УПЦ-Московски патријархат, во времето кога Филарет беше нејзин член

Но, главата разлика е во суштината. Зошто автономијата на „УПЦ-Московски патријархат“ може до одреден степен и некој временски период да се смета како легитимна и легална, (иако најголем дел од православните цркви не се на чисто околу нејзината автономна позиција), а зошто онаа автономија на ПОА на Врнишковски е нелегитимна.?

Украина до независноста беше дел од Советскиот сојуз. Во таа држава, црквата беше под силни репресии на Советскиот комунистички режим, но и покрај тоа имаше некава црковна организација.

Во Украина, денешната „УПЦ-Московски Патријархат“ имаше статус на „Украински Егзархат“ од 1920 година, па се до 1990 година, а потоа статус на Автономна црква.

Почетокот на падот на „железната тупаница“ на режимот и релаксирањето на верските слободи во СССР, ги расте и апетитите за национална поделеност меѓу народите. Тоа се рефлектира и во црковната организација.

Во 1989 година во Украина нема поделба на црквата.Таму сите митрополити се дел од „Егзархатот на РПЦ во Украина“. Филарет, кој подоцна ќе ја создаде „Украинската Патријаршија“, во тоа време е Егзарх на Патријархот Руски, Пимен, а во еден момент и негов заменик по смртта на Пимен, се до изборот на Алексеј за Патријарх.

Одлуката на Руската црква „Егзархатот“ да го подигне на ниво на „Автономна црква“ е мотивирана исклучиво од политички причини, со цел да се задоволат „црковните апетити“ на Украинците за своја самостојна црква.

Томосот за „Автономија на УПЦ-Московски Патријархат“, новиот руски Патријарх Алексеј му го предава на Филарет на 27 октомври 1990 година во Соборната црква во Киев.

Прогласувањето на независноста на Украина на 24 август 1991 значеше и неизибежен процес на создавање раскол, пред се поради незапирливото национално чувство на Украинците како посебен народ за своја црква.

Два месеци подоцна, Соборот на УПЦ носи одлука дека ќе работи на создавање на автокефална црква. Филарет е прогласен за нејзин Поглавар. Тоа, пак, ќе предизвика внатрецрковен раслој. (Нешто сосема различно од она што е во Македонија. Тука никогаш немало внатрецрковен раслој, па од МПЦ да се формира МПЦ автокефална, останатиот дел на МПЦ да остане како автономна) .

Во Украина, Филарет и неговите лојални владици создаваат своја Автокефална црква, а Рускаката Патријаршија бира нов Поглавар на „УПЦ-Московски Патријархат“ и заедно со владиците кои му се спротивставија на Филарет, го продолжуваат црковниот живот на „УПЦ-Московски Патријархјат“.

МПЦ НЕМА ДРУГ ИЗБОР ОСВЕН „АВТОКЕФАЛИЈА“

Документот за „автономијата“ во Православната црква е многу значаен и суштински за уште една тема која во македонската јавност во последно време се наметнува.

mpts-sinodОд точките кои се однесуваат на последиците кои произлегуваат од прогласувањето на автономија за Автономната Црква и нејзината врска со Автокефалната Црква сосема јасно е дека за МПЦ тоа прашање веќе целосно е апсолвирано.

Православната црква не признава ништо друго освен „Автономија“. Нема ниту „самоуправна“, ниту „самостојна“, што пак значи дека МПЦ мора да остане на својот пат за кога-тогаш да го издејствува прифаќањето единствено на нејзината автокефалност.

По овие точки, кои се утврдени, автономната црква е подредена црква на автокефалната, без никаква меѓународна позиционираност.

ПРВО: „Првиот (Архиереј) на Автономната Црква го спомнува само името на Претстојателот на Автокефалната Црква“. Тоа значи дека автономната црква е црква на автокефалната, а не посебна. Посебните цркви ги споменуваат имињата на сите поглавари на црквите.

ВТОРО: „Името на Првиот (Архиереј) на Автономната Црква не се впишува во Диптисите“. Ова правило целосно ја ограничува меѓународната позиционираност на автономната црква. Ако името на Поглаварот на автономната црква не е впишано во „диптисите“, таа црква и не постои како посебна.

Во овие две точки се чита и уште еден момент. Во нив никаде не се споменува поимот „Поглавар“, кој означува титула на „Архиепископ“. Ниту, пак, каков било термин кој означува нешто слично. Напротив се користи терминот „Првиот“ со прецизираност „Архиереј’. Тоа не е ништо повеќе од архиерејско ниво.

Третата точка исто така е суштинска позврзаност на Автономната Црква со Автокефалната. „Светото Миро го добива од Автокефалната Црква“.

Единствената точка која овозможува некаква самостојност е точката која предвидува избор на архиереи во Автономната црква, но и тука врската со автокефалната црква е суштинска. „Епископите на Автономната Црква се избираат и поставуваат од нејзиниот надлежен црковен орган. Во случај на јасна немоќ на Автономната Црква по однос на ова, таа бива потпомогната од Автокефалната Црква на која принадлежи.“

Всушност, тоа би значело дека за какви било внатрешни недоразбирања во автономната црква судија е Поглаварот на Автокефалната црква.

Марјан Николовски

Коментар(3)

  1. Mnogu dobra analiza i objasnuvanje na g. Marjan Nikolovski okolu najnovite odluki i nastanite predizvikani od istite, a doneseni na poslednata sredba na Poglavarite na Pravoslavnite Crkvi neodamna odrzan Svajcarija.

    No, mnogu poavtoritetno ke bese dokolku vakva analiza proislezese od crkovnite krugovi na MPC-OA!!!???
    Se nadevam deka vo bliska idnina ke procitame nesto poveke.

  2. МПЦ никогаш не била дел на СПЦ , па според тоа никогаш и не потпаѓала под нејзина јуридикција. СПЦ ја има само наметнато својата јурисдикција над епархиите кои во својот состав имале само македонски православни верници и тоа не го сторила СПЦ како црква туку тоа е сторено од страна на српскиот крал и цариградскиот патријарх кој власта над македонските епархии ја подарил на српскиот крал и српскиот патријарх како подарок за наводно воените успеси на Србија за време на Првата и Втората Балканска војна, а и за истерувањето на Турците од Балканот. СПЦ ги приклучила епархиите од Македонија во својот состав, ставајки ги под своја јурисдикција само за периодот од 1921 до 1941 година. Всушност тоа е времето кога Ммакедонија и ништо што е ммакедонско не се споменува во новонастанатото Кралство СХС, во кое што СПЦ наоѓа наслон со чија што помош опстојувала во Македонија, а тоа е српската државна инфраструктура, пред се српска војска, џандармерија, судство, просвета и тоа се до новата политичка ситуација, односно се до 1941 година , кога целата таа српска државна инфрасруктура , под налетот на фашистичките германски и бугарски окупатори се повлекува од Македонија, како од , сосема нормално , туѓа територија, Сега настанува сосема друга ситуација. Македонија не е повеке под Српски државен суверенитет, туку во заедничка држава со Србија и СПЦ и се стекнува со право да основа своја републичка инфраструктура, која има право и на државотворност, односно која има државнички елементи. Од 1990 Македонија не е ниту во заедничка држава со Србија, па тогаш од каде право само на СПЦ да ја рехабилитира својата јуридикција над духовниот живот над Македонија од која се откажала 1941, во најтешките окупациски прилики. Сега со овој лажен владика и со лажната паралелна ерархија сака само до го рехабилитира српството, својата јурисдикција и трулата политиката на пропаднатиот двор на династијата на Караѓорѓевиќите. Други тенденции од страна на Србија нема над Македонија. Оттаму и црковната хегемонија од страна на СПЦ над Македонија треба да се неутрализира и да се дојде до согласност за легално егзистирање на самостоен црковен живот во Македонија под било која форма, архиепископија или патријаршија, се едно е, како Македонци ќе одлучат.
    Од друга страна СПЦ не смее да и тоа неосновано , да ја признае МПЦ поради пречката сто ја испљува Грчката црква. Таа ја уценува СПЦ со Хиландар, Зејтинлик, Крф и Видо.

  3. Ma za kakva legitimnost ovde e zborot. Vraniskovski i negovata crkva se samo obid- eksperiment na vrvot na SPC dali ce uspee zadusuvanjeto na MPC, a toj i negovite pratja se samo zrtveni jarci vo toj obod-eksperiment. Toj i negovite bratja, kako neuki od crkovnata istorija na Makednskiot narod , naodjajki se vo Belgrad na bogoslovskiot fakultet postanale lesen plen na antimakedonskata propaganda na verska osnova dirigirana od pripadnicite na velikosrpskta hegemonisticka politika , koja izleduva od kujnata na monarhistickata politika na srpskite verski fanatici . Protagonistite na antimakedonskata politika na verska osnova , odnosno SPC , se svesni deka vo Makedonija nemaat nikakva potpora. Vo Makedonija nema poveke srpska vojska, dzandarmerija, sudstvo, prosveta i druga srpska drzavna infrastruktura , pa nitu SPC, koja se potpirala na prethodno spomenatite faktori, i sega vo likot na ovie makedonski verski fanatici, zalutani vo SPC, nasla agitatori na svojata propaganda. Vrbuvani i ubedeni deka MPC ja stvorile onie koi poveke gi nema, komunistite , gi ,,udostoila,, so visoki crkveni cinovi i zvanja i gi za debeli pari , gi paraca da deluvaat vo Makedonija protiv se sto e makedonsko, a osobeno protiv Makedonskata pavoslavna crkva. Toa e i obid na SPC da go rehabilitira srpstvoto i politikata na dvotor na Kraljevinata na SHS. Tie i vo SPC vazat za prodadeni dusi, no sepak vlijatelen e onoj faktor koj gi finansira so po 10 do 15 ooo evra mesecno i posebno za nivanata idavacka dejnost, koja ima samo antimakedonski karakter , a niako teoloski-crkoven, oti tie se neuki vo teologija i crkvenoto ustrojstvo. Postoi, vo posledno veme, predlog Vraniskovski da bide povlecen za Bosna, a drugite trojca da bidat nametnati na MPC, vokolku toj predlog ne bide prifaten , toj ke si se vrati na mistrija i malter ii da si osnova nekoja fasaderska grupa , oti nego srbite kao makedonec ne bi go prifatile za srpski vladika vo Srbija.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *