
Белгиското биро на меѓународната истражувачка група „Ивокс“ објави податоци од анкета спроведена меѓу муслиманите во таа земја, која покажа дека 20 отсто од анкетираните 500 луѓе ги поддржува методите на терористичката Исламска држава.
Освен тоа, тие признале дека не би ги пријавиле ниту би им ги предале на властите своите истоверници ако дознаат дека подготвуваат терористички напад. Социолозите веднаш беа изложени на жестоки критики зашто, наводно, користеле погрешни методи и поставувале несоодветни прашања на погрешни луѓе зашто во цивилизираната Белгија, како што тврдат критичарите, такво нешто не е можно.
Но, истражувачите ја постигнаа својата цел: ја претставија ситуацијата и предизвикаа јавна дискусија што се води и во другите европски земји.
ТРАНСФОРМАЦИЈА ВО БЕЛГИЈА И ВО ФРАНЦИЈА
Во Белгија во 2011 година беше објавена книгата на социологот Феличе Дасет, „Ирис и Полумесечината“, во која авторот уште тогаш констатира дека во Белгија живеат околу 700.000 муслимани, од кои половината во Брисел, што ја претвори белгиската престолнина во главен град на Еврабија, т.е. ЕУ подложена на исламизација. Според пресметките на Дасет, до 2030 година мнозинството жители на Брисел ќе бидат муслимани. На национално ниво уделот на муслиманското население ќе се зголеми 10 отсто. Една година подоцна во регионалниот совет на бриселската општина Андерлехт беа избрани двајца претставници на партијата Ислам. Еден од нив, Редуан Аруш, отворено ги изнесе своите цели: „Во подолг период, кога луѓето ќе станат свесни дека исламските закони се поволни за Белгијците, ќе почне патот кон исламска држава“. Властите во Брисел во 2012 година се откажаа од дамнешната традиција на централниот плоштад да стават жива елка, симболот на христијанскиот Божик, а администрацијата отворено кажа дека така постапила за да не ги навреди верските чувства на муслиманите. Така, божикната елка беше истерана од градот во кој се седиштата на ЕУ и НАТО.
Според информациите на Францускиот институт за истражување на јавното мислење (ИФОП) од анкета спроведена годинава, 28 отсто од муслиманите со француско државјанство практикуваат т.н. авторитарен ислам. Токму таа група навела дека ги става верските принципи над вредностите на Француската Република: дури 80 отсто од анкетираните изјавиле дека децата од муслиманските семејства треба во училиштата да добиваат само халал-храна, а 60 отсто поддржуваат во образовните установи да се носат фереџе и бурки. По терористичкиот напад во Ница и убиството на католички свештеник извршени од исламски екстремисти, властите почнаа да преземаат некои мерки, како затворање некои џамии, но Вилип де Вил, основач на Движењето за Франција, смета дека е доцна за мерките.
– Франција ја убива тероризмот. Уште посериозен проблем е тоа што го губиме идентитетот – напиша тој во книгата „Ќе ѕвонат ли утре ѕвоната“.
Според него, тоа што властите со години го игнорирале проблемот може да доведе до граѓанска војна на социјално ниво.
ГЕРМАНСКИ ШЕРИЈАТ
По анкетирањето на Турците што живеат во Германија во јуни годинава социолозите од универзитетот во Минстер заклучија дека речиси половина од нив (47 отсто) е поважно да ги следат постулатите на својата вера од законите во земјата во која живеат. Речиси ист е процентот на испитаниците што сметаат дека исламот е единствената вистинска религија, а 36 отсто сметаат дека само исламот може да ги реши проблемите во општеството.
Уште во 2014 година, пред мигрантската криза, во Вупертал во Северна Рајна-Вестфалија, каде што муслиманската заедница не е ни 10 отсто од вкупното население, се појави шеријатска полиција која патролира низ градот и го контролира верскиот живот на муслиманите. Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезер, нагласи дека нема да ги толерира шеријатските закони на германска територија, по што патролите престанаа, барем јавно. По тој случај, експертот за ислам, Матијас Рое, изјави дека мнозинството Германци се однесуваат со длабока недоверба не само кон муслиманите во Германија туку кон исламот воопшто. Но тивката исламизација на Германија продолжува, а тоа го покажува и следниот податок – муслиманските заедници ги купуваат поранешните цркви и катедрали во Берлин, Диселдорф, Хамбург, Kелн и низа други градови и ги претвораат во џамии. Во врска со тоа епископот Ханс-Јохан Јашке изјави: „Тоа е директно апсорбирање на христијанството од страна на исламот“.
/ДНЕВНИК