Почетна Проповеди Слава Му на Бога за сѐ!
Слава Му на Бога за сѐ!

Слава Му на Бога за сѐ!

976
0

Кога ќе слушнете за постот, не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови…

Овие охрабрувачки зборови за постот ги изговорил најголемиот проповедник на Црквата, светиот Јован Златоуст, чиј спомен денес го празнуваме. Тој се родил во Антиохија во 354 година, од татко Секунд и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија Јован се згнасил од грчкото незнабоштво и ја усвоил христијанската вера како едиствена и целосна вистина. Крштение примил од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примиле Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонашил и почнал строго да се подвизува. Тогаш ја напишал книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавиле Светите апостоли Петар и Јован и му прорекле голема служба, голема благодат, но и големо страдање. Кога требало да биде посветен за свештеник се јавил ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагал, сите виделе светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, бил избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управувал со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испратил  мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотрел симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја раширил милосрдната дејност на Црквата; напишал посебен чин на Светата Литургија; ги посрамил еретиците; ја изобличил царицата Евдоксија; Светото Писмо го растолкувал со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу драгоцени книги со неговите беседи. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испратила во прогонство. Во прогонство поминал три години и се упокоил на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта повторно му се јавиле апостолите Јован и Петар, а и Светиот маченик Василиск (под 22 мај), во чијашто црква ја примил Светата Причест. „Слава Му на Бога за сѐ!“, биле неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх заминала во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во Успенскиот храм во Москва, а телото во Ватикан во Рим.

Почитувани верници,

Од вторник започнува Божикниот пост, кој трае 40 дни, сè до големиот празник Рождество Христово – Божиќ. Поради тоа чувствувам потреба да проговорам за постот, кој заедно со молитвата ни се голем дар Божји, без кои за нас луѓето нема обожување и спасение. Затоа и Христос, вели: Овој род се истерува само со пост и молитва… (Матеј 17,21), а свети Василиј Велики, нè советува: Примете го постот со радост. Примете го, сиромашни својот другар. Прмете го, слуги, вашиот одмор. Примете го, богати, постот кој ве спасува од опасноста на прејадувањето и го прави вкусно тоа што од постојана употреба станува невкусно. Романскиот Патријарх Даниил, пак во своето кратко послание до верниците, ги упатува следните зборови: Прошката е добар почеток на постот. Никој не може да влезе во постот, кој е духовна борба за прочистување од гревовите и за просветлување на душата, без прошка. И сите ние од овој миг, простувајќи си, да ја започнеме таа борба и преку постот, молитвата, покајанието и исповедта пред својот духовен отец да стигнеме до Светата Причест.

Според уставот пропишан од Православната Црква овие пости се постат според ова правило: во среда и петок – строг пост; понеделник, вторник и четврток е дозволено да се употребува масло и вино, додека во сабота, недела и на големите празници е благословено и риба и вино. Исто така за оние кои се болни, за децата, старите и изнемоштените лица, како и за бремените жени – со благослов на својот духовен отец ова правило може соодветно да се ублажи. Но, ние користа од постот не треба да ја ограничуваме само на воздржување од јадење, бидејќи постот е пред сè оддалечување од зли дела. Вистинскиот пост не е само воздржување од храна од животинско потекло, туку и воздржување од жедта за матријалното и воздржување од алчноста и од егоистичката желба за владеење над другите, како ограничување на секоја мисла, збор или дејствие што ја намалува љубовта кон Бога и кон ближниот.

Апелирам до сите православни верници во овој период поактивно да се вклучат во црковно-богослужбениот живот на Црквата, почесто да бидат присутни во храмот Божји, во Коработ на спасението, во Црквата Божја, собрани во послушание и доверба кон епископот и свештенството, бидејќи таму каде што е епископот – таму е и Црквата, која е столб и тврдина на вистината.

За на крај не би ви кажал ништо повеќе, од прекрасниот одговор, кој нашиот Спасител му го кажал на младиот законик, кој го прашал: Учителе што да направам за да добијам живот вечен? – А Он му рече: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси! (Лука 10,25-27). И да не заборавиме за сè, за сите знајни и незнајни работи да Му благодариме на Бога, и често да ги изговараме зборовите на златоустивиот патријарх: Слава Му на Бога за сѐ!

Амин.

За многу години нека и празникот и имајте богоугодни лесни пости!

Пишува: Јосиф – Митрополит Тетовско-гостиварски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *