Митарот

Митарот

346
0

Забележуваме неколку восогласени видa покајно однесување кај митарот: „стоеше оддалеку“, „ни очите да ги подигне“, „се удираше в гради“ и „велеше: ’Боже, биди милостив кон мене, грешниот!‘“ (види: Лука 18, 10–14).

Што мислите, која од овие силни и заемно поврзани пројави на покајание најмногу ја открива неговата духовна состојба? Аскетскиот плач по Бог, поинаку речено, големиот напор да се принуди себеси на плач, односно удирањето в гради. Тоа е истиот или сличен метод што Отците го користеле низ вековите. Тоа е истиот или сличен метод што го препорачува и свети Игнатиј Брјанчанинов во своите дела. И тоа е истиот или сличен метод што и до ден-денес го користат и препорачуваат непосредните и посредните ученици на светиот Старец Јосиф Спилеот и многу други.

Некои велат дека ваквиот начин изгледа соблазнително. Ние би им одговориле, и со збор и со дело: ако Господ Христос не го оценил како соблазнителен и ако Он ни го препорачува, кои сме ние да умуваме вон и над Благата Вест? Севкупниот наш подвиг на степенот на чистење на срцето од страстите, Отците го означиле и го опишале како аскетски – не чувствуваме, а континуирано се принудуваме; немаме отворена поддршка од благодатта, а живееме како да ја имаме!

„Ви велам дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига ќе биде унижен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.“

Секој што заради гордост и човечка слава се воздига самиот себе и следствено го осудува својот ближен, во истиот момент се унижува, предизвикувајќи отсуство на божествената благодат во себе. А секој што заради заедница со Бог се понизува и осудува самиот себе и следствено го оправдува својот ближен, ја привлекува Божјата несоздадена благодат и во истиот момент бива воздигнат од Бог.

Знајте го уште ова: сите оние на коишто срцето не им е отворено за умно-срдечната молитва треба да знаат дека причината за тоа е осудувањето на ближниот, кое произлегува од нивното високо мислење за самите себе.Односно, произлегува од неправилниот подвиг или, со други зборови, произлегува директно од непослушанието и духовното самораководење.

Со усвојување на мислата „јас сум виновен за сè“ се отвора простор за молитвата на митарот: „Господи ИсусеХристе, помилуј ме, грешниот!“ Се раѓа чувството на покајание и плач и, воопшто, текот на мислите е сосема спротивен (самоосудување) од оној што следи после мислата дека другиот е виновен (осудување). Кога во своето срце ја прифаќаме помислата дека другиот е виновен и се согласуваме со неа, покажуваме и дека ни е туѓ подвигот на аскетската љубов. Оној што го љубиме, макар и аскетски, никогаш не е виновен.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *