Почетна Коментар Византиските игри за официјализирање на „Третиот Рим“
Византиските игри за официјализирање на „Третиот Рим“

Византиските игри за официјализирање на „Третиот Рим“

685
2

Која е улогата на Руската православна црква во серијата критики кои што доаѓаат од т.н. антиекуменисти на веќе договорените точки од дневниот ред пред одржувањето на Сеправославниот собор во јуни на Крит? Зошто откако по неколку години беше постигната согласност за сите точки, сега се урива единството?  Дали ривалитетот меѓу Москва и Фанар ќе се прекрши токму врз единството на Православната црква?

Сите овие прашања ја отвораат дилемата за патот по кој ќе се движи Православната црква до и по Сеправославниот собор на Крит.

Повеќе од 4 месеци, поединечно, а неодамна и на ниво на официјален став на една Црква, точката од дневниот ред на Соборот која се однесува на комуникацијата и дијалогот со останатите христијански цркви е предмет на оспорување. Главните тези на противниците, или т.н. антиекуменисти во Православната црква се врзани со нивниот отпор кон Христијаните кои не се дел од Православието, карактеризирајќи ги како расколници и еретици од Црквата. Ова крило православни Архиереи не прифаќа по никоја цена каков било дијалог со како што ги нарекуваат инославните, а уште помалку иноверните, се до нивно покајание.

Овој ригиден став неодамна во форма на официјален став и барање за измени на точката за дијалогот со останатите Христијани го оформи и Бугарската православна црква, со што му даде многу поголема тежина на овој проблем.

Но, што всушност се крие зад ова? Православната црква изминативе дваесетина години е заложник на ривалитетот меѓу највлијателниот Руски Патријарх и првохиерархискиот, но реално немоќен Вселенски Патријарх.

Вартоломеј е еден од главните поборници на екуменизмот и дијалогот пред се со Католичката црква, Кирил пак е далеку поумерен во тој правец и на периоди и отворен критичар на Вартоломеј за неговите чести и „блиски“ релации со Папата.

Иако оваа точка од дневниот ред во принцип е само формално поставена и тоа по многу „пеглаља“ на одредите во нејзе, сепак таа во себе има многу политика и тоа на релација прозападна ориентација и проруска.

Последниот став на шефот на одделот за надворешни работи на Руската православна црква, Иларион Алфеев открива многу за актуелната состојба во Православето, но веројатно и за улогата на РПЦ во овие гласни критики на антиекуменистите.

Алфеев отворено повика да се земат предвид сите забелешки пред почетокот на Сеправославниот собор, за да не се случи голем бран на незадоволство кај Православните по неговото завршување.

Тоа практично значи дека Руската црква им даде „ветар в грб“ на антиекуменистите, легитимирајќи ги нивните закани дека е можен нов раскол во Православието, ако не се дефинираат одредбите за комуникација и дијалог на Православната со останатите христијански цркви.

-Сите сериозни и конструктивни богословски критики доаѓаат од архиереи, од богословите, но постојат и провокативни критики кои се шират само поради тоа да се разниша единството на Црквата. Конструктивната критика е важна за тоа одлуките кои ќе бидат донесени на Соборот подоцна да не предизвикаат одбивност кај нашите верници. Подобро е да ги сослушаме овие критички забелешки и сега да реагираме на нив, добро е да ги изложиме на Сеправославниот собор, отколку целиот овој бран да се подигне по Соборот, изјави неодамна моќниот црковен дипломат Иларион Алфеев, практично втор човек во Руската православна црква.

Руската православна црква цело време додека траеја подготовките за организацијата на Сеправославниот собор настапуваше од позиција на сомнеж и на тој начин, преку поддршка од други православни цркви ги наметнуваше своите ставови. Практично се што бараше РПЦ денеска е дел од организацијата на Соборот. Во таа логистичка поддршка активно учествуваа Грчката православна црква и Бугарската православна црква. Интересно е што овој пат токму БПЦ на ниво на официјален став бара преиспитување на точката за односите и дијалогот со христијанските цркви. Нешто што се толкува повторно како одработување за Руската црква.

Иларион Алфеев неодамна исто така потврди уште една работа која што се смета како клучна за нејзините позиции. Тој потенцираше дека токму формирањето на телото наречено „Сеправославен секретаријат на Соборот“ е идеја на Руската црква. Тоа тело практично е паралелно организационо тело на Вселенската патријаршија која сега е само формално организатор, иако историски гледано нејзината улога во тие собори била клучна.

slika marjanСите овие позиции и турбуленции на два месеци пред Сеправославниот собор најавуваат дека „византиските игри“ се уште се дел од политиката на Православната црква, овој пат во улога на „Третиот Рим“ од каде дефакто се влечат сите конци во политиката на Православната црква.

Марјан Николовски – Новинар

Коментар(2)

  1. Ајде доста пишиш глупости!! За ова не си компетентен да пишуваш, ниту пак јас, но си земам за право после ваквава глупост што ја прочитав. Очигледно некому не му е познато значењето на Соборот и колку тој може да биде добар, или, пак, лош за Православието како единствено негувалиште на Вистината. Од секакви неписмендурии и гордости се настанати сите ереси, еве и прост пример како се отвара пат за една таква нова глупост (ерес)!

  2. Вие, г.Николовски сте екуменист, па затоа другите се антиекуменисти?
    Ставот што Св.Синод на Бугарската Патријаршија го изнесе по повод некои точки од дневниот ред на претстојниот Сеправославен Собор, како и ставовите на Високопреосвештените митрополити на Помесните православни цркви, не се произволни ставови на некакви си заговори за „Трет (или четврт) Рим“. Тоа се ставови на образовани високи духовници, кои истите ги изградиле врз учењето, традициите и Св.Предание на Православната Црква. Предупредувањата на т.нар. умерени епископи, не им даваат „ветар во грб“, како што не умеете да се изразите, на „антиекуменистите“ , туку тоа се реални претпоставки за иднината на Вселенското (читај Соборно и Соборност) Православие и Единството во Верата кое и покрај административните, политичките поделби, досега е неповредено и е запазено.
    Ако т.нар. екуменисти продолжат, во противност на каноните на Црквата, предупредувањата на православните заедници ширум целата Православна екумена, тоа Единство во верата ќе биде нарушено и со несогледиви последици.
    Пишувањето, пак за теми, кои не ги разбирате, а сакате да покажете компетентност е друг проблем. Македонски „Горан Благоев“ не недостасува во медиумскиот религиски простор кај нас.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *