Почетна Коментар В лице светци, в срце в’лци
В лице светци, в срце в’лци

В лице светци, в срце в’лци

1.26K
0

Хритос воскресе – Навистина воскресе!

Јоване, што правиш во друштво на безбожници? Што правиш во друштво на Тричковски кој богохули? И тоа го прави во исто време заедно со тебе на Велипеток. Што правиш во друштво со ЛГБТ-активисти, невладини отпораши финансирани од исламистички фондови, левичари, анархисти и не знам се какви богоборни групи и поединци? Дали тоа го проповедаш словото Христово пред нив и ги повикуваш на покајание и живот вечен или можеби ги користиш за свои овоземски и тривијални политички цели?

Ти, Јоване, како православен владика, треба да се засрамиш од збирштината во која си влегол, не со крстот Христов за нивно спасение, туку за добивање поддршка за своите неправославни цели. На овој начин ли поддржувајќи го богоборството се бориш за своето „право“? Многу прашања за тебе и за твоето однесување кое не прилега на еден владика. За чии и да се застапуваш интереси во Република Македонија, како православен би требало да се воздржиш од настап во поддржувањето на тие интереси барем во деновите на страсната седмица, Велигден и светлата седмица, доколку не можеш да се воздржиш во текот на целата година.

Но, да не ме разбереш дека истурам критика или не дај Боже омраза врз тебе и тоа да го претстават како говор на омраза како што љуби да каже твојот нов пријател Тричковски, ќе се обидам најсмирено да полемизирам со тебе. Само да напоменам, заради читателите, дека е јасно како петнаесетина години наназад се обидуваш да испорачаш резултат кај твоите работодавачи, впрочем исто така како што тоа се обидува да го направи и Зоки од Муртино. Но, нема да успеете да ги остварите вашите намери. Сепак, немам омраза кон тебе, Јоване, впрочем како ни кон сите што ти ги наброив. Едноставно, православно, христијански, го мразам гревот во братот свој, а не братот свој.

Наместо ти да н` поучиш во љубовта во Христа, во простувањето и во исто време да повлијаеш врз нашите браќа во Христа во Србија, а особено врз ставовите на епископите од Српската православна црква, ти во истото тоа друштво кое погоре ти го набројав бараш поткрепа за своите овоземски политички и длабоко антидржавни ставови. Нели мислиш дека е подобро помеѓу тоа богохулно друштво да проповедаш за гревовноста на богоотпадништвото, мужеложништвото, анархизмот, побуната против Бога, противприродниот блуд и сите можни погубни влијанија на непријателот на човечкиот род? Многу подобро отколку да ги поддржуваш во нивните рушечки намери.

Можеби идејата ти е да го вклучиш и Тричковски во своите борци за остварување на твојата цел бидејќи највулгарно го напаѓа архиепископот Стефан. Но, веројатно го пренебрегнуваш отвореното негирање на Бога или можеби тоа не си го разбрал. Во ова второто не верувам, бидејќи те знам како многу интелигентен, а и како владика такво нешто не може да ти помине незабележливо. Kако тоа ќе го објасниш, не пред македонскиот народ и сите нас грешните и недостојните, туку на Страшниот Христов суд е болка која е драматична за секоја човечка душа.

Борбата која се води против Македонската православна црква – Охридска архиепископија, очигледно е беспоштедна и покрај тоа што е крајно тривијална, во таа борба очигледно се употребува и богохулност, но зачудува кога во тоа ќе учествуваат луѓе што сакаат пред православната екумена себеси да се претстават како маченици за исповедение на светата православна вера.

Со колку бои се ишарани овие луѓе, па нека е тоа и Јован Вранишкоски. Тој е жив доказ дека епископството не гарантира светост. Да се зборува за обезбожено општество во Македонија и во исто време да се поддржуваат богохулници и апостати претставува лицемерие. Зарем без словото Христово, без логосот може да има „превреднување“ на вреднсотите? Kако тоа изгледа да се превреднуваат вредностите во едно општество и тоа да се прави без Христа, туку напротив со отворено богохулие. Тричковски, очигледно себеси се замислува за Бог или најмалку за негов секретар поставувајќи прашања во негово име и одговарајќи во исто време дека Господ мора да подржи немири, ако сака да го има.

Ова е врвот на лицемерието против Бога, зарем Христос кој се саможртвуваше заради наше спасение и опростување на гревовите, за обновување на нашата падната природа, е Бог на насилието. Зарем во своето страдање не ја покажа својата благост, своето смирение, своето неизмерно човекољубие. На Господа не му треба да сака да го има, тој постои, безвремен и ист некогаш, сега и во иднината до крајот на светот. Ова особено не треба да се докажува на луѓе од профилот на Тричковски бидејќи, преку своето пишување и јавно обраќање покажуваат крајно неверие.

„Зачудува“ како во ист контекст пишува и се обраќа Јован кој воопшто не е неук во верата Христова, впрочем доктор на теолошки науки е и епископ. Ја разбирам неговата човечка исфрустрираност од личните му релации со архиепископот Стефан, но не можам да ја разберам потрагата по истомисленици во учесниците на шарената револуција и истиот генерален став со Тричковски, кој не знае што е, дали е агностик, атеист или нешто како троглаво чудовиште кое повикува на немири и насилство и тоа како доказ за постоењето или непостоењето на Бога во највулгарен пристап. Kаква ли бласфемичност, какво ли богохулие и тоа на Велипеток, а со единствена цел да се има одек на Велигден, да се создаде мачнина, немир и да се возмати радоста на секоја христијанска душа, исконската радост за живот во Христа Бога.

Да, Македонија е во криза и тоа криза која трае приближно година и половина, а предизвикана од Зоки аболираниот од Муртино. Истата се продлабочува бидејќи Зоки не може да испорача резултати на чадорот, па затоа сега и Јован (која чудна коинциденција со световното име Зоран и Зоран) влезе во играта. Влезе токму на Велики Петок за да припомогне во распнувањето на народот од кој отпадна по сопствена волја.

Се прашувате ли зошто Јован не дава коментари за последните случувања во Србија или можеби тоа не е превреднување на вредностите или пак за таму е неповикан да коментира, бидејќи е нивен (на СПЦ) производ па да не си го наруши мирот со нив. Затоа нашиот мир со радост ќе го нарушува и нема да ги препознава истите сценарија кои во Србија се само на почеток. Многу ме интересира какви ли ставови ќе изнесе Јован кога за извесно време Србија ќе се најде во иста состојба на криза како Македонија денес и кога тамошниот чадор ќе побара ли можеби од него да одработи.

Длабоко сум убеден дека наводното мачеништво на Јован во последниве четиринаесет години како што љуби да говори, донесе плод во превреднување на вредностите. Впрочем Јоване, види кој тоа ги превреднува вредностите или можеби имаш шарен (во боите на ЛГБТ) поглед на нивните вредности за кои се борат? Виножитото кое го земаа за свое знаме е директно ругање на заветот кој Бог им го даде на луѓето по потопот. Зарем во тоа ругање е превреднувањето? Сериозно се прашувам што ли се случува во главата на еден владика кога може да изгради ваков поглед на светот, вредностите или нивно превреднување како што љуби да пишува.

Можеби во прашање е токму насловот на овој текст. Историското искуство на грчко-србските ментори за тоа како треба да се однесуваат со православните во Македонија. За нивна жал, ние не сме неграмотен народ, добро паметиме, имаме историска меморија, се препознаваме себеси, го познаваме Бога, не ги мразиме луѓето и различните од нас, но во исто време низ љубовта кон Христа не го сакаме гревот, во исто време си ја сакаме татковината и не се срамиме од нашиот јазик и историја, не се срамиме што сме Македонци, колку и да се обидува Јован да не навредува на високо схоластичен пристап.

Македонскиот народ иако распнуван низ историјата, иако распнат и денес, знае да простува и да љуби. Свештенството, чесното монаштво и епископатот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и архиепископот Стефан со полнота во Христа Бога се грижат за правилното исповедање на светата православна вера (затоа и нема основа за неканонско признавање на МПЦ-ОА, туку во основа се наоѓаат само политички цели), а на тој начин и за духовното здравје на сите чеда на МПЦ-ОА. Оваа грижа вклучува духовна борба и за зачувување на мирот на сите граѓани на Република Македонија.

Наместо политички памфлети заради угодување на налогодавците, многу подобро ќе беше Јован да се погрижеше за евангелизирање на најголемиот дел на оние кои се замислуваат револуционери и тоа шарени, а кои сака да ги поддржи заради свои интереси, а не заради Христа и вистината. За нивно спасение и покајание, а не за соучесништво во богохулните ставови и практичното дејствување на Тричковски.

Oliver AndonovЗа што и за кого се грижиш, Јоване? Реторичко прашање кое ќе треба самиот на себе да си го одговориш. Kако мислиш да застанеш пред светиот престол да ги принесеш на осветување светите страшни и животворни Христови тајни повикувајќи го да слезе невидливо Светиот Дух и да повикаш на љубов во Христа Бога на најголемиот ден кога Христос ја победи смртта за да ни дари живот вечен?

Христос воскресе, Јас грешниот, но со длабока надеж во спасителната жртва на Христа Бога.

Оливер Андонов (Дневник)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *