Почетна Коментар Заблудата ги донесе до безумие
Заблудата ги донесе до безумие

Заблудата ги донесе до безумие

880
1

Деновиве бевме сведоци на применето „антиевангелие“. Ако Христовата порака е втемелена врз радоста и љубовта, тогаш она што се организираше по улиците на Солун и останатите грчки градови од страна на грчкото свештенство е сé само не Евангелието и неговите основни постулати. Оние кои се повикани да го поттикнуваат преумувањето на човекот, се спуштија до дното на човечките страсти и место да го преобразуваат светот живеејќи го животот Христов, тие дозволија светот нив да ги преобрази и да ги потоне во неговите ништожности. Грчкото свештенство пред очите на целата светска јавност изврши убиство врз својот ближен и со самото тоа си ги подзатвори Портите од Царството Божјо. За каква тоа духовност имаат намера во иднина да проповедаат овие луѓе, до Евзони ли се простира нивната љубов и трпение?

Срамно и страшно е да се гледа овој пад, оваа заблуденост и лицемерие. Атеистите се покажаа како подобри и потолерантни луѓе од верниците, зашто тие ги врзуваа конците на мирот што беа пресечени од лажните Христови следбеници. Вистинскиот духовен човек ја поттикнува благородноста на личноста и никогаш не ги поддржува погубната страст и гревовност. Во јавноста секогаш пази на секој изречен збор и со сето срце ревносно ја брани правдата и вистината. Знае дека нему сé му е дозволено, но не сака ништо да завладее со него.

Патриотизмот за неговите сфаќања е акт на чистата љубов кон својот брат и сонародник и во никој случај не го исклучува, омаловажува и отфрла другиот свет и различниот од себе. Национализмот пак е болест, зашто врз омразата се потпира. Патриотизмот никого не повредува, национализмот мрази и убива. На ова второто му се поклонија овие духовни сиромаси, кои имаат лице на светци, а срце на волци. Ја искористија народната доверба која со векови е градена врз авторитетот Христов не за да придобијат некого за Бога, туку да го збунат и воведат во зло слабото срце човечко.

Најстрашно за еден човек е да ја изгуби врската со реалноста, тогаш тој потонува во уште поголеми нелогичности. Македонија и македонскиот народ постојат од памтивек и никому не припаѓале дури и тогаш кога биле подложени на страшно ропство. Во историјата, бројни биле опасностите од изчезнување на овој народ, но она што Бог го благословил, силите на мракот не можат да го уништат. Македонија денес е распарчена, понижена и заробена земја.

Одговорност на нашата генерација е да го состави разделеното, во доброто да го поттикне народниот дух, да го врати загубеното достоинство, да го обели извалканиот образ. Во овој сенароден потфат наши основни алатки се верата, надежта и љубовта. Наоружани со нив ќе победуваме во секое време и на сите полиња. Злото и омразата им го оставаме на оние што решиле духовно да починат. И покрај сите наши геноциди Македонија никогаш не била грчка, бадијала во нечестието се пенават Антимос и неговите истомисленици.

Македонија отсекогаш била наша единствена татковина и тоа конечно треба да го знаат опустошените души од овој свет. Нема да помине долго време и овие црковни великодостојници ќе излезат пред Бога и Нему лице в лице ќе треба да Му ја објаснат нивната заблуда и омраза. Е, овде, на ова свето место, ќе ја немаат поддршката од белосветските сатрапи и насилници. Затоа, крајно време е да се вразумат овие духовни слепци, па најпрво да се покајат за сета соблазна која со децении ја предизвикуваат кон македонскиот народ, а потоа и да придонесат кон мирот, благосостојбата и меѓусебното разбирање. Христовиот следбеник е сејач на добродетелта, војник на правдата, кладенец на мирот и утехата, и доколку некој не се држи до овие основни христијански вредности, тогаш тој е „мерзост на запустението“ и бесрамен узурпатор на тронот на апостолите, а бескрвната жртва која секоја литургија ја принесува не е за сите и за сé и со самото тоа е безвредна и бесмислена. Добро нека си го размислат ова овие подземни човечиња, полни со пеколни стрели и смрдеа. Им порачувам, подалеку нека стојат од мојот македонски народ, кому не се достојни ни врвките од неговите обувки да му ги одврзат.

На македонскиот народ, пак, му порачувам, не плашете се од овие јавачи на апокалипсата, кои бесрамно јаздат на своите коњи и овде и надвор од татковината. Иднината и благосостојбата на нашиот народ и на македонската држава е во нашите раце. Тие можат со години да нé заробуваат, но не можат да нé завладеат. Затоа, преку одлучност и национална самосвест да го посрамиме злото и да оставиме за идните генерации достоен пример за радост и пофалба. Ниту една награда не чини ефтино, ниту лесно се заработува. Бесценето е она што со многу жртви, труд и мака е спечалено низ вековите. Вечно нека живее и во доблеста нека расте и нека се развива нашата татковина Македонија.

Пишува: Митрополит Повардарски Агатангел

Коментар(1)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *