Зајкова на Св. Трифун: Ад-хок мерки и намалени субвенции наместо стабилна политика за лозарите

Date:

Share post:

На денот кога лозарите го одбележуваат Св. Трифун – симболот на македонското лозарство и винарство – пратеничката Моника Зајкова оцени дека наместо јасна стратегија, секторот се соочува со задоцнети и нетранспарентни мерки.

Таа го повика министерот за земјоделство да одговори дали станува збор за рекордна цена за грозјето или, како што рече, за задоцнета реакција на проблем кој постои веќе втора година.

„Винскиот сектор носи околу 20 проценти од бруто земјоделското производство и претставува еден од клучните извозни адути на државата. Одлуката за финансиска поддршка од 10 денари по килограм за веќе откупено винско грозје од сортите Вранец и Кратошија од реколта 2025 отвора сериозни дилеми“, изјави Зајкова.

Според неа, мерката е донесена без објавена економска анализа, без проценка на пазарните ефекти и без јасни критериуми кои субјекти ќе ја користат поддршката и во колкав износ, согласно официјалните податоци со кои располага Државниот инспекторат за земјоделство.

Таа укажа и на, како што наведе, намалена поддршка по хектар, истакнувајќи дека лозари кои претходно добивале по 52.000 денари по хектар, сега добиваат 42.000 денари. Во исто време, винариите се соочуваат со вишок на грозје од црните сорти, додека Министерството, според Зајкова, најпрво соопштува за рекордна цена, а потоа носи мерка за субвенционирање на откупот од речиси 50 проценти.

„Како пратеничка доставив писмено пратеничко прашање до министерот за земјоделство со кое барам прецизни одговори: врз основа на каква економска, производствена и пазарна анализа е донесена подмерката за финансиска поддршка од 10 денари по килограм и кои се очекуваните краткорочни и долгорочни ефекти од нејзината примена врз лозарите, винариите и пазарот на вино?“, изјави Зајкова од Демир Капија, по повод закројувањето на лозје за Св. Трифун.Таа праша и како е утврдена висината на поддршката од 10 денари по килограм, имајќи ги предвид загарантираните откупни цени за реколта 2025, како и дали е направена проценка за можни пазарни нарушувања или поттикнување дисбаланс во производството на одредени сорти грозје.

„Мора да постојат фер правила и предвидлива политика. Државата не смее да интервенира по завршена берба без јасни бројки и без транспарентност. Ако оваа мерка е оправдана – да ги видиме анализите. Св. Трифун е ден кога му оддаваме почит на трудот. Време е Владата да покаже почит со дела, а не со ад-хок одлуки“, додаде Зајкова.

Таа порача дека лозарите заслужуваат стабилен пазар, винариите јасна стратегија и предвидливост, а јавноста целосна транспарентност за користењето на јавните средства.

/Скопје1.мк

1 COMMENT

  1. Немаме податоци дека Св. Трифун се грижел за пари, заработка, профит. (Дури и царската награда во злато за чудотворното исцеление по кое се прославил ја разделил на сиромасите). Но, знаеме дека толку бил посветен на својот подвиг, што веднаш побрзал да им се врати на гуските што ги пасел уште од детството. Значи, му биле познати тајните на Созданието кое го живеел како јасно сведоштво на Премудроста Божја.
    Ако навистина сакаме да навлеземе во суштината на неговиот подвиг како лозари, мора прво да си ги поставиме прашањата за животот на лозовите насади по нашите полиња, за можностите да им ја пружиме својата безрезервна љубов и подготвеност да бдееме над нив, да им го принесеме целиот потребен труд за нивните плодови да заблеснат во сиот нивен сјај во најубавите вина, секое според неговата природа и според умешноста на мајсторите што ги приготвуваат.
    Последниве години за жал дел од лозарите како и многумина земјоделци не се во состојба благовремено да ги наводниваат своите лозја заради мрзеливоста и небрежноста на службите задолжени за чистење и одржување на каналите на мелиоративните системи. Лозарите не наоѓаат волја или сили самите да се организираат и заеднички да и’ помогнат на жедната почва на нивните ниви.
    Освен тоа, многумина од лозарите со голема тага ги напуштија нивите на своите предци, затоа што новите поколенија не најдоа вдахновение во старите традиции ниту можност за опстанок преку лозарството и сизамина дури и од своите огништа, станаа модерни номади на виртуелниот труд.
    Македонските лозари се далеку од храброста (веројатно и од можностите) да одгледуваат органско грозје со кое би се натпреварувале со престижните вина со занемарлив или никаков процент на пестициди на елитниот интернационален пазар.
    Нашите лозја одамна веќе никој не ги копа: ние оставаме хемијата да ја освои почвата, постојано се надеваме на што помалку труд доволен да ни донесе што повеќе пари.
    Св. Трифун така не правеше.
    Што се однесува до заработката, вистина е дека семејствата на индивидуалните лозари се изморија од истрајниот прекумерен труд за кој голем дел од нив беа со години (ако не и цела деценија и плус) ограбувани од винариите не само со поткусурување на цените на нивното грозје, не само со огромното доцнење со исплатите на предадените за откуп тони грозје туку и воопшто, со никогаш неисплатените годишни берби од страна на винарии чиј углед и буџет на ниеден начин не настрадаа заради ова злосторничко однесување. Во современиот свет каде никој никому не дава огромни количини ресурсии на рати исплаќани според произволно наоѓање на откупувачот, најприродно било македонските лозари да висат на конец огромен дел од годината или да им ги подарат плодовите на својот труд на капиталистите.
    Денес дури и градоначалникот на најголемиот лозарски град (впрочем земјопоседник со повеќе од 100 декари лозови насади) во Македонија говори дека иднината на лозарството е корпоративното лозарство и дека е природно ситните лозари да исчезнат. Не помислил да изгради комплекс ракијџилници надвор од градот со современи услови за печење ракија во кој малите локални производители со заштитено лично здравје би ги спасувале неоткупените количини грозје наместо да мрзнеат и да се истоштуваат по своите дворови и со месеци да ги чадат сите фасади на куќите и зградите во соседството, туку помисли и расудил дека просто треба да испезнат.
    Но, со исчезнувањето на ситното лозарство исчезнаа најубавите, најдрагоцени, стари, ретки сорти на грозје, кое за корпоративното лозарство (како индустриско) не значат ништо. А тоа особено не е во дослух со подвигот и даровите на Св. Трифун. Впрочем, Тиквешијата ги изгуби и најдрагоцените сорти црвени патлиџани кои се менуваа во кратки сезони на берба и го означуваа тенкосетниот ритам на македонското поднебје на единствен начин.
    Кога еден народ доброволно или присилно престанува да се грижи за природните богатства што му ги дал Бог, престанува да го принесува и нему својствениот плод. Во случајот на македонските земјоделци со децении се води тивка војна меѓу велможите и нив, во која се чини на крајот тие, земјоделците останаа поразени или подобро кажано post festum ја доживеаа огромната чест која отсекогаш сиот народ им ја должеше, а нивната величина ја сфати кога нивните уморни раце застанаа.
    Значи, на Св. Трифун ние не му оддаваме почит на трудот на овие луѓе: тие никогаш не ја добија. Само се обидуваме Светителот да им помогне во нивните неволји, да ги укрепи во сите нивни подвизи, да им го осветлува патот, па и да ги ослободи од демонот на алчноста нивните немилосрдни експлоататори.
    Чудесно е да се види како многумина од верните добри лозари дури и во подмината старост и без некоја надеж за желба и приход со сите свои сили се трудат да ги одржат своите лозја од љубов кон нив, од милост кон Созданието Божјо и од благодарност кон Бог и кон растенијата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img