Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј, во Словенија е осуден „за нешто што никогаш не го направил“, но дека тоа „го покажува односот кон СПЦ како столб на српското општество“.
„Патријархот Порфириј, според мое мислење, дури и со оваа пресуда може да се гордее, бидејќи таа покажува колку е значаен за српскиот народ и што за него мислат сите оние кои не го сакаат српскиот народ“, изјави Вучиќ при обиколката на работите за модернизација на општинскиот пат на делницата меѓу Горњи и Доњи Синковац, кај Лесковац.
Вучиќ истакна дека тоа „на српскиот патријарх може да му додаде ореол на жртва и маченик, а уште поголема сила да му даде од неговиот народ на кој верно му служи“, коментирајќи ја пресудата против патријархот, за која медиумите објавија дека изнесува четири месеци условна затворска казна поради обвиненија за мобинг врз свештеник на СПЦ во Љубљана.
Да потсетиме, според претходните пишувања на медиумите, државното обвинителство во Љубљана на 12 јануари поднело обвинителен предлог против патријархот Порфириј поради обвиненија за малтретирање на работа во случајот со свештеникот Жељко Лубарда, кој тврди дека бил изложен на долгогодишен притисок бидејќи одбил лажно да сведочи со цел да се прикријат финансиски малверзации во црковната каса.

