/Од Пјаченца Италија за Религија.мк, Мирјана Давидовска (Сител ТВ)
На денот на најголемата тага во христијанскиот свет, православните верници во Пјаченца, Република Италија, со посебна молитвеност го одбележаа Велики Петок.
Во храмот посветен на „Св. Прохор Пчински и Св. ап. Вартоломеј“, беше отслужена вечерна богослужба со изнесување на Плаштеницата, а потоа и Оплакувањето и Погребението Христово.
Со богослужбата началствуваше митрополитот Европски Пимен, во сослужение на парохискиот свештеник, отец Климент. Во преполниот храм, верниот народ во тишина и молитва се поклони пред Гробот Христов, учествувајќи во чинот кој го симболизира симнувањето на телото на Господ Исус Христос од Крстот и Неговото полагање во гробот.
„Денес е денот кога преку болката ја согледуваме големината на Божјата љубов кон човекот,“ истакна Владиката Пимен повикувајќи ги верните со смирение да го дочекаат Воскресението.
Македонската православна заедница во овој дел од Италија уште еднаш ја потврди својата духовна поврзаност и традиција, обединувајќи се во верата под закрилата на Европската епархија на МПЦ-ОА.




