Ерусалимската Пријаршија ги повикува верниците од целиот свет да се соберат на Велика сабота во Црквата на Светиот Гроб, околу Животворниот Христов гроб, за богослужбата на Светата светлина.
Обраќајќи им се: „на нашите возљубени чеда во Господа, на сите верни и на сите кои бараат мир и љубов во светот“, Патријаршијата повикува на учество во овој свет момент, нагласувајќи го духовниот континуитет на традицијата, „како што ја живееле татковците и прадедовците“ и како што е зачувана во живото предание на Ерусалим.
Во пораката се истакнува дека на овој ден Црквата стои обединета, очекувајќи ја Светлината што излегува од Светиот гроб и која верниците ја примаат како знак на Воскресението. „Ова е Светлината на Воскресението. Ова е верата на Црквата“, се наведува.
Исто така се нагласува дека Светата светлина се пренесува меѓу верниците „од рака на рака“, сведочејќи за непрекинатото христијанско присуство во Светиот град и за цврстата вера.
На крајот, Патријаршиската порака истакнува дека верниците се собираат „во молитва и надеж“, останувајќи околу Животворниот гроб како сведоци на Воскресението, издигнувајќи ги своите срца кон „Светлината која никогаш не згаснува“ и молејќи се за мир и правда во светот.

