Српската православна црква објави дека Велигден во храмовите на СПЦ ќе се слави со Благодатниот оган, кој од Ерусалим ќе пристигне во Белград.
-Неговата Светост, српскиот патријарх Порфириј, откако дозна дека израелските власти вчера ја укинале забраната за посета на светите места во Ерусалим, како што се наведува во соопштението на тамошната полиција, веднаш дал благослов надлежните црковни служби да преземат соодветни мерки за и оваа година Светиот и Благодатен оган од Христовиот гроб да пристигне во престолнината Белград. Така, денес со голема сигурност можеме да објавиме радосна вест: на почетокот на Васкршното утрено, точно во 23:00 часот, началствувачкиот архиереј во заветниот храм на српскиот православен народ – Спомен-храмот „Свети Сава“ на Врачар – со Светиот и Благодатен оган ќе ја запали првата свеќа, по што сите присутни верници ќе ги запалат своите свеќи од тој свет пламен, објави СПЦ.
Секоја година на Велика сабота, денот меѓу распнувањето на Велики петок и Воскресението во недела, во Ерусалим од небото слегува Благодатниот оган. Тој ден телото Христово било во Гробот. Велика сабота е симбол на целокупната историја на паднатото човештво – време меѓу падот во темнина и победата над смртта преку Воскресението.
