Три највисоки американски католички кардинали излегоа со ретка заедничка изјава во која ја критикуваа правецот на надворешната политика на Соединетите Американски Држави, истакнувајќи дека моралната улога на земјата во справувањето со злто во светот е доведена во прашање и дека воена акција треба да се користи само како последна, исклучителна опција.
Во изјавата, кардиналите Блејс Куич од Чикаго, Роберт Мекелрој од Вашингтон и Џозеф Тобин од Њуарк оценуваат дека тековните дебати за надворешната политика претставуваат најдлабок морален предизвик за САД од крајот на Студената војна. Тие ја повторија пораката на папата Лав XIV, кој неодамна го критикуваше „запаливиот стремеж кон војна“ во својот говор во Ватикан, нагласувајќи дека нациите мора да се однесуваат според морални принципи.
Кардиналите во својата изјава посочија на неодамнешните настани во Венецуела, војната во Украина и заканите поврзани со Гренланд како примери што ја поставуваат прашањето за употребата на воена сила и суштината на мирот. Тие истакнаа дека почитувањето на правото на самоопределување на народите и градењето праведен и одржлив мир треба да бидат во сржта на американската надворешна политика.
Во документот, надбискупите изразуваат дека САД треба да развијат „навистина морална надворешна политика“ и да го отфрлат користењето на воена сила како „инструмент за тесни национални интереси“, нагласувајќи дека воена интервенција треба да биде само последен избор во екстремни ситуации, а не нормален инструмент на политиката.
Во заедничката изјава не е именуван конкретно претседателот или администрицијата, но критиките јасно упатуваат на загриженост за тековните политики на САД, особено во контекст на меѓународни конфликти и односите со други држави. Портпаролот на Белата куќа засега не одговори на барањата за коментар.

