Габор Ивањи го венчал Виктор Орбан, а подоцна крстил две од неговите деца во 1990-тите, без да претпостави дека владата на неговиот пријател еден ден ќе го изведе пред суд.
Сега премиерот се обидува да го продолжи своето 16-годишно владеење во Унгарија на изборите на 12 април, претставувајќи се како кандидат кој ќе ги заштити традиционалните христијански вредности.
Но, Ивањи, 74-годишен методистички пастор кој го познава Орбан уште од 1980-тите, не се согласува со мешавината од христијанство и национализам на премиерот, за која вели дека „нема никаква врска со Библијата, со суштината на Библијата“.
Иако двајцата се сретнале во истите антикомунистички дисидентски кругови во младоста, денес се политички спротивставени. Ивањи се соочува со судење следниот месец поради активностите на неговата црква, во случај за кој критичарите на Орбан — вклучително и невладината организација Хјуман Рајтс Вој— тврдат дека е политички мотивиран.
Сепак, и покрај разидувањето, белобрадиот пастор се надева дека може да дојде до конечно помирување.
„Единственото нешто што никогаш не ми го побара е да го погребам“, рече тој во својата канцеларија во Будимпешта. „Но, ако ме замоли, би го направил тоа“, вели пасторот.
Пастор на обвинителна клупа
Ивањи, кој раководи со организација што управува со прифатилишта за бездомници, болници и училишта за сиромашни, се соочува со условна казна затвор од две години поради учество во група која наводно извршила насилство врз службени лица за време на рација во просториите на неговата заедница во 2022 година.
Судењето е закажано за 4 мај.
Ивањи и членовите на неговата заедница формирале жив ѕид за да ја блокираат рацијата, откако властите ја обвиниле неговата црква — Унгарската евангелска заедница — за финансиски неправилности.
Опозициски политичари, меѓу кои и зелениот градоначалник на Будимпешта Гергељ Карачоњи, како и меѓународни организации за човекови права, велат дека обвинувањата се политички мотивирани и имаат за цел заплашување на организација која им помага на бездомници, ромски заедници и украински бегалци. Владата, пак, тврди дека Ивањи бил вклучен во незаконско управување со јавни и црковни средства.
Црквата ги нарекува овие обвинувања „апсурдни“ и ја обвинува владата за „политички прогон“.
Како што наведува Хјуман Рајтс Воч: „Гонењето на Ивањи и мешањето во работата на неговата црква е дел од поширок образец на унгарската влада да таргетира бранители на човековите права кои работат со мигранти, баратели на азил, бегалци, сиромашни, бездомници, деца со попреченост, како и лезбејки, геј, бисексуални и трансродови лица.“
Ивањи ги нарекува обвиненијата смешни, шегувајќи се дека е малку веројатно на неговата возраст да можел да се тепа со полицијата.
„Обвинет сум за насилство врз службени лица. Тоа беше пред четири години, кога полицијата ги окупираше сите канцеларии. Понекогаш посакувам навистина да сум ги тепал, тогаш барем ќе имаше основа за случај, но секако дека не го направив тоа“, рече тој.
„Но мислам дека не треба јас да бидам во затвор, туку Виктор Орбан и неговата група.“
Ивањи и Орбан имаат долга заедничка историја
Се запознале во последните години од советската доминација во Унгарија. Ивањи бил прогресивен дисидент активен во демократската опозиција, додека Орбан бил студент вклучен во либерално младинско движење кое подоцна прераснало во владејачката партија Фидес. Двајцата станале блиски, борејќи се за полиберална Унгарија.
Денес тоа изгледа како далечно минато. Орбан поттикнува антииукраински расположенија, додека Ивањи ја зголемува помошта за украинските бегалци. Владата на Фидес ги забрани протестите на ЛГБТ+, додека Ивањи ја брани сексуалната различност.
„Никој не мислеше дека ќе се оддалечи толку многу од тие вредности кон крајната десница, па дури и кон фашистички идеи, и дека ќе ги изгуби човечките вредности во кои веруваше, или барем изгледаше дека верува“, рече тој.
Ивањи вели дека станал непријател на Орбан откако постојано го критикувал.
„Се обидував да го поправам проблемот со тоа што го критикував, бидејќи чувствувам одговорност да не паднам во грев поради тие работи. Но, тој не беше многу задоволен од тоа“, рече тој.
Според Ивањи, нивниот однос се распаднал во 2010 година, кога Орбан побарал јавно да го поддржи и да се фотографираат заедно. Ивањи одбил, бидејќи поддржувал опозициска партија.
„Ми беше ветена дополнителна финансиска поддршка за таа фотографија“, рече тој. Кога одбил, „ми беше кажано дека Орбан бил навреден“.
Оттогаш, Унгарската евангелска заедница почнала да се соочува со проблеми. Во 2011 година, нов закон ја лишил од официјален црковен статус — одлука што заедницата сè уште ја оспорува. Како последица, организацијата има помалку ресурси и морала да затвори дел од своите училишта и прифатилишта.
Ивањи се присетува на 1989 година, кога младиот Орбан на Плоштадот на хероите во Будимпешта побарал Советите да ја напуштат Унгарија и да се одржат слободни избори. Тој момент го споредува со денешните блиски односи на премиерот со рускиот претседател Владимир Путин и извештаите дека Кремљ испратил агенти за влијание врз изборите.
„Бев благодарен што постои храбар човек кој им кажа на Русите да си одат дома, и никогаш не мислев дека токму тој ќе биде оној што ќе ги повика назад“, рече тој.
/Politico


Виктор Орбан не е свештеник, но се чини дека многу подобро сфатил каков однос може Црквата да гради со “различностите” во поглед на богодаденоста на генералиите. Црквата е лечилиште за сите кои се свесни дека се болни и дека прифаќајќи подвиг во Неа – на целесообразен духовен живот – бараат преобразба преку благодатта на Нејзиниот Возглавител и Господ, Исус Христос, како Син Божји и Спасител на човечкиот род. Но, таа не е all-inclusive спа-центар за емоционално улулкување на луѓе со нарушено чувство за сопствениот биолошки пол или со други изопачености, кои бараат начин својата болест да ја промовираат за врховна човечка вредност. Не е ни театар за лажни меѓусебни венчавки на такви луѓе или за нивните лажни трансформации во другородни човечки суштества ниту за благослови и крштевки на од нив посвоени деца кои на вештачки начин би биле поставени во јасна богопротивна средина на растење и воспитување.
И такво едно човекољубие без расудување не може да го украси еден свештеник ниту може да даде некој автентичен, богоугоден плод. Молитвата е единственото, и тоа апсолутно моќно, орудие на христијаните за помош на тие луѓе. Човек со молитва брзо че ги преобрази и ќе ги привлече во Црквата како еднакви со останатите: подготвени за темелно и решително покајание, ненавидност кон демонот и гревот.