По предлог на Министерството за енергетика, владата го донесе годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година. Од вкупно 284 иницијативи, прифатени се 67 иницијативи со инсталирана моќност поголема од 1 мегават, пишува неделникот Фокус. Интересот е толку голем кај бизнисот, посебно оној што е поврзан со политичките елити. Но, голем интерес има и кај Црквата.
Фокус пишува дека МПЦ-ОА ќе гради парк со фотоволтаици, со инсталирана моќност од 20 мегавати. Паркот ќе го гради ТРИНИТИ СОЛАР ДОО увоз-извоз од Охрид. Ова е компанија во сопственост на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која го проширува бизнис-планот со електрична енергија, откако како содружник ја основа фирмата, која во иднина ќе треба да поседува фотонапонска централа.
Соларните панели треба да се инсталираат во долината на охридското село Долно Лакочереј. Вториот сопственик е извесен Ангеле Јаневски од скопски Центар, додека управител е Никола Христоски, име што алудира на секретарот на Дебарско-кичевската епархија.
Покојниот митрополит дебарско-кичевски, Тимотеј, во 2022 година за „Фактор“ истакна дека планот сè уште не е влезен во сериозна фаза. Моќноста и површината на централата ќе зависат од расположливата сума која ќе може да се издвои.
–Не е забрането, ниту е чудно тоа што МПЦ-ОА сака да инвестира. А во проектот има и други партнери. За тоа колкаво ќе биде производството на електрична енергија, зависи од тоа колкави средства ќе можеме да издвоиме, рече тогаш Тимотеј.
Пред година и пол МПЦ се вклучи во бизнисот со струја со план за изградба на мала хидроцентрала, во кој покрај МПЦ, се вклучени уште четири други партнери.
Станува збор за ХЕЦ Драгов Дол на реката Треска. Владата претходно одобри трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изградба на централа на вкупна површина од 651 квадратни метри.
МПЦ – ОА низ годините носеше повеќе бизнис одлуки, вклучувајќи ја и онаа за изградбата на станбено-деловниот објект планиран да се гради во центарот на Скопје спроти хотелот „Холидеј ин“, како содружник во фирмата „Обновители“, пишува Фокус.

