Организирање „надвор“ од Литургијата и смиреното сведочење на Христос

Date:

Share post:

Епископот на Црквата, треба да допушти, па и да овозможи, и некои видови организирање „надвор“ од Литургијата на Црквата, но колку што може треба, таквото организирање, како и контролата – дали тоа правилно функционира, да го делегира на пониските степени на свештенство, а тој само да надгледува. Секако, сето ова е на доброволна основа.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Образот Божји според кој сме создадени е нашата слободна волја; подобието Божјо кое треба да го достигнеме е љубовта. По секоја цена мора да се сочува образот Божји во човекот, за тој да може да оствари заедница со Бог и да го достигне и подобието Божјо. Љубовта е плод на слободен избор.

Богочовекот Христос никогаш не ја нарушува нашата слобода, т.е. никогаш не го нарушува Својот образ во нас. На тоа внимава секогаш, па така и при Своето влегување во Ерусалим.

Христос влегува смирено, на магаре, а народот Го прославува поради чуеното за Неговите дела. Но, очекувањата на луѓето беа, согласно нивните страсти – погрешни, тие очекуваа овоземен цар и царство земно – и инстант решение на сите свои проблеми, па затоа и Го предадоа. Исто е и денес.

Целиот Христов живот меѓу нас е крајно смирение. Без да разгласува дека е Син Божји – попрво криејќи го тоа, дојде и им служеше на луѓето – од воплотувањето, па до Своето распнување и смрт, подготвувајќи го нивното конечно спасение – со Своето воскресение. Тоа значи – по секоја цена…

Своето спасително дело ни го остави и нам во Црквата; секој да го извршува од својата позиција во Неа – со личен пример, смирено, без да ја нарушуваме, на каков било начин, слободата на другите. Преку својата преобразба да ги привлекуваме луѓето, живеејќи го Христовиот живот – лично.

Идеално остварување на ова служење за спасението на сите е учеството во Литургијата на Црквата, каде што, соборно – еден со друг, целиот свој живот на Христос Бог Му го предаваме, а Он нам – Својот. Литургијата е Царство Небесно, веќе и уште – не; огледало – колку, тоа што ние денес го правиме, има битијна врска со Христос или е само формален империјален рецидив, т.е. театар.

Идеалното литургиско учество – не е какво било, туку учество на дете Божјо, на некој што потполно се самопринесува и дава на Бог и своите ближни; на некој што го активирал своето внатрешно, царско и есхатолошко свештенство, на некој чиј ум молитвено влегува во олтарот на своето срце; на некој чиј живот е Литургија, и после и пред Литургијата – и сето тоа, за спасение на сите луѓе.

Затоа, секоја друга наша потреба од организирање „вон“ Литургијата, често е помало или поголемо отстапување од идеалот на Царството Небесно; знак е за нарушена слобода – поради робување на страстите, како и за потреба од воспоставување на контрола – поради правилно функционирање.

Луѓето, чие што срце е извалкано од страстите, се под значајна контрола на демоните, и затоа им е неопходно духовно раководство од духовен отец, со крајна цел, ослободување од тоа ропство и воведување во слободата на децата Божји. Но, и на „христијаните“, чиј живот не е продолжеток на Литургијата, кои не делуваат и не растат духовно, според тоа што го слушаат и доживуваат таму, туку само како наемници држат некаква минимум форма на побожност; и ним им е потребна контрола, како и менаџирање на нивната суета. Затоа се појавуваат видови организирање, покрај Литургијата, кои се инструменти за контрола и менаџирање на суети, како и начин за привлекување внимание и мотивирање кон добродетел.

Дали тоа организирање е во рамките на Црквата, како што е, на пример, црковната администрација – од најниско до највисоко ниво, богословските училишта, веронауката, хуманитарната дејност, информативна дејност и други активности или е надвор од рамките на Црквата, тоа веќе не е важно, важно е да освестиме дека е отстапување од идеалот. Ова освестување ни носи смирение.

Значи, потребно е организирање и „надвор“ од Литургијата, само појаснувам дека е тоа поради нашите слабости, поради нашето отстапување од идеалот на Литургијата. Наједноставно кажано: поради тоа што нашиот живот надвор од неа не е продолжеток на истата – не е Литургија, а таквото организирање е нужно за да се спречи дополнително отпаѓање, но со крајна цел да се вратиме кон литургискиот идеал. Ваквото организирање е и во функција на превенција.

Епископот на Црквата, треба да допушти, па и да овозможи, и некои видови организирање „надвор“ од Литургијата на Црквата, но колку што може треба, таквото организирање, како и контролата – дали тоа правилно функционира, да го делегира на пониските степени на свештенство, а тој само да надгледува. Секако, сето ова е на доброволна основа.

Една забелешка; треба да се внимава, бидејќи, секое организирање „надвор“ од Литургијата има тенденција кон автономија и отцепување; оддалечувањето од идеалот на Литургијата и барањето на само човечка слава и власт – се правопропорционални. Од друга страна, пак, организирањето за хуманитарни цели, на пример, за некои христијани, е само помош и канализирање на делото што тие и без тоа би го правеле. Значи, не е нужно, секое организирање и за сите, да е пресретнување на падот или превенција; за некои е само продолжување на Литургијата, ама таквите се малку.

Должност на Епископот е да ја води својата паства кон идеалот на Литургијата, така, и разните нужни видови на вонлитургиско организирање треба да ги користи за таа цел. Луѓето треба да растат духовно, а не да назадуваат. Организирањето „надвор“ од Литургијата, не смее да биде замена за Литургијата; а Црквата не смее да се претвори во организација. Црквата не е организација, туку организам – Тело Христово. И нема посовршено „организирање“ од самата Литургија.

Некои видови организирање се потребни, поради функционирањето во вака устроениот свет – како што е црковната администрација, исто и други – како хуманитарната и информативната дејност, но како што рековме, какви и да се, не треба да ни служи за самопофалба и самопромоција, туку за спознание на своите слабости и смирение; дека се потребни, да се пресретне нивото на пад на човекот, со цел тој да се врати во Литургијата. Блазе си му на тој Епископ, што – на тој начин, ќе го пресретне и превенира падот и ќе ги врати луѓето во Литургијата; таквиот ќе биде вистински Пастир.

Некои, пак, видови организирање, како што е „теолошкото образование“ – се, по мене, грешка, која повлекува по себе и многу други – вработување, финансирање, контрола итн. Организирањето „надвор“ од Литургијата треба да биде поттик за враќање кон литургискиот идеал, а не причина за дополнителни организациски раситнувања, оддалечувања, па дури и отпаѓања. Литургијата треба да го роди свештеникот, аскетско-исихастичкиот подвиг да го порасне, а теолошкото образование – ако е светоотечко, да го освести стекнатиот опит и да му даде интелектуална артикулација, но како додатна активност – нешто како вечерна школа.

Христос требаше да се појави во Ерусалим, исто, како што и Црквата треба да е присутна во овој свет; и колку што можеме, ние сме должни ненаметливо да го сведочиме, меѓу луѓето, Христовото Распнување, како и Воскресение. Ненаметливо, затоа што секоја самопромоција е исклучување на другите и промашување на нашиот призив – погрешно сведоштво кое што предизвикува отпор. Црковното организирање треба да е инклузивно, а не ексклузивно. Во рамките на ова, треба да се внимава и на обликот на поврзаност помеѓу организирањата внатре во рамките на Црквата со оние надвор, како и на рамнотежата меѓу разните поврзувања. Исто, постојат и организирања што, и да сакаме, не можат да се поврзат со Црквата – затоа што, просто, другите не нѐ сакаат или сакаат да нѐ нема. Тешко нас, ако сите нѐ сакаа, како и ако не бевме прогонувани.

И покрај сѐ, како тогашниот Ерусалим го прими распнатиот Христос или како денешниот човек ќе ја прими Црквата Негова – ваква каква што е претставена од нас, со сите наши мани, распната, секогаш останува прашање на слободната волја на луѓето; но, добро е да освестиме тоа што дека, никаде и никогаш не постои некое делување, без соодветни последици и лична одговорност. Ни Евангелието не ја крие оваа вистина; но, и ни открива, дека: Бог е над сѐ – над секоја Своја заповед или нејзино прекршување, иако, за да нѐ спаси, потребна Му е и нашата согласност. Знаете за разбојникот распнат заедно со Христос – кој се спаси во последните моменти од својот живот. Тој немаше добри дела, имаше само – себеосудување и желба да биде со Христос, во Царството Негово.

Благословен е Оној што доаѓа во името Господово!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img