Што значат монаштвото и литургијата денес? Теолози од регионот дебатираат во Манасија

Date:

Share post:

Што значат монаштвото и литургијата во современиот свет, како се менувале низ вековите и што останува од нивното наследство денес се дел од прашањата за кои овие денови дебатираат богослови и истражувачи во манастирот Манасија во Србија.

Во средновековниот манастир започна Втората меѓународна научна конференција „Литургиска теологија и монашка пракса – извори, развој и преобразби, современи предизвици“, која ги собра на едно место научници, истражувачи, професори, докторанди, духовници и други учесници кои се занимаваат со литургиското богословие, монаштвото, духовното и културното наследство и црковната уметност.

Конференцијата ја организираат Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследство на пустината“ од Струмица и Институтот за литургика и црковна уметност при Православниот богословски факултет на Универзитетот во Белград.

Првата вечер беше отворена со поздравни обраќања, писма од Патријархот Српски Порфириј и од Архиепископот Охридски и Македонски, Јустинијана Прима Стефан. Од името на организаторот поздравно обраќање упати протојереј-ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ.

Меѓу учесниците се и митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј и епископот Хераклејски Климент од МПЦ-ОА, како и научниците и истражувачите Златко Матиќ, Даница Поповиќ, Катица Ќулавкова, Гордана Гавриќ, Мирко Ковачевиќ, Александар Ѓаковац, Александар Крстановски, Никола Лукиќ и Стефан Цветановски.

Програмата опфаќа широк спектар на теми – од литургиската употреба на Светото писмо при монашкиот постриг и односот меѓу аскетскиот етос и Евхаристијата, до монашкиот идеал на Свети Сава Српски, односот меѓу литургијата и подвигот и присуството на монашката тема во современата литература.

Ќе се говори и за односот меѓу литургиското богословие и философијата, како и за прашања поврзани со развојот и зачувувањето на монашкото и литургиското наследство.

Во третата сесија посебно место имаат теми поврзани со евхаристиското значење на љубовта како аскетски идеал кај Свети Максим Исповедник, ракописниот црковнословенски триод од македонска редакција и монашките правила на митрополитот Викентиј Јовановиќ-Видак.

Предвидена е и компаративна анализа на Евергетидскиот и Вељушкиот, односно Струмичкиот, типик, преку која ќе се разгледува литургиското и канонското обликување на манастирската самоуправа.

Конференцијата завршува денеска, 6 септември, со Света архијерејска Литургија, по што ќе се одржи тркалезна маса и ќе биде промовиран првиот број на научното списание „Пустината“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img