Или ќе покажете интерес само за скролање сликички и ќе ги продлабочувате вашето енергетско растројство и зависност од насоченоста кон надвор – како робовите и наемниците или ќе се потрудите и да прочитате нешто полезно
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Сум чул порано, а можеби некој и сега така си мисли, дека „владиката сѐ исто, па исто ни зборува“; нели, сите го спроведовме во живот досега кажаното, па сега чекаме нешто ново да чуеме. Дека словото со кое ве поучувам за некого нема доволно сила, тоа – се согласувам, но дека е исто – не. А ако беше нешто погрешно, ќе се појавеше некој да ме исправи; со тоа немам проблем – напротив.
Точно е дека има една вечна и централна тема, а тоа е воплотениот Син Божји – Богочовекот Исус Христос, како и градењето на личен однос со Него; и точно е дека без да сме живи членови на Неговото Црковно Тело – членови кои редовно се причестуваат со Него и меѓусебно, и без умно-срдечната молитва – како откривање на Царството Небесно внатре во нас и градење на личен однос со Бог, нема што друго поважно да се каже. Истово е централна тема и на Новиот Завет и во делата на Светите отци.
Секако дека попатно се допираме и до други богословски области, какви што се црковната историја, канонското право, догматиката и друго нешто – поспецифично, но централната тема – Христос и односот со Него, е секогаш истата, иако внимаваме да ѝ пристапиме од различни страни, со надеж дека одредениот пристап посебно ќе допре некого или на некого ќе му го доосветли досега кажаното.
Еве на пример, кога ќе ги прочитам насловите на книгите што досега сме ги издале, можам да го забележам различниот пристап кон една и иста тема – личниот однос со Богочовекот Исус Христос: „Нови личносни односи“, „Надминување на дуализмот“, „Премин од душевност во духовност“, „Пастирски пристап или поистоветување“, „Христијански идентитет“ и слично. За истото се работи и, на пример, кога го објаснувам односот на дете Божјо и наемник, христијанската психотерапија како психосинтеза, или кога го објаснувам енергетското растројство и зависноста од насоченоста кон надвор – наспроти енергетската собраност, и многу други нешта – да не набројувам сега.
Од друга страна, постојано доаѓаат нови генерации христијани кои допрва ќе се учат, а некои од оние што веќе го чуле словото, го заборавиле поради неисполнување, па добро им доаѓа памтењето да си го освежат.
Има нешто што сите треба да го знаат, а тоа е една опасност која е искушение на наемниците и робовите. Имено, слушањето на словото, а негово неприфаќање во срцето и неисполнување на дело, создава – на крај, еден вид одбојност кон истото, еден негативен имунитет. Значи, човек го слуша словото, го меморира, но не го прифаќа во срцето и не го спроведува во дело; сепак словото му делува на совеста и тој за да ја смири, почнува да го одбегнува слушањето и читањето на истото, па дури пробува и да го омаловажи или да го маргинализира.
Не дај Боже, да се стори и противник на словото. На оваа опасност најмногу се изложени оние што се должни да го слушаат моето слово; а ако ваквиот вид слово е реткост, тогаш и сите оние што имаат пристап до истото, но го одбегнуваат.
Од друга страна, зар не е ли ист текстот на Новиот Завет, или на делата на Светите отци, како на пример – Лествица, или Житијата на светиите, или на Литургијата, или на молитвата „Оче наш“, или на „Исусовата молитва“, но сите сме свесни за нивната важност и се принудуваме со читање и молитва да учествуваме во нив – макар формално. Но, големо прашање е како не ни здосади ние самите да сме стално исти, формални, непроменети, непреобразени и неосветени; и како еднаш не ја освестиме потребата од сопствена промена и од подлабок личен однос со Бог и со својот ближен?
Затоа, не е ни чудо што наемниците и робовите слепо се држат до воспоставената форма – ниту самите се менуваат, ниту сакаат нешто да се смени, и ги судат и осудуваат другите врз основа на таквиот критериум. Затоа што тие не го познаваат квалитетот на личниот однос на децата Божји со Бог, како и новата форма што од таквиот нов однос може да произлезе.
Така што, слободниот избор си останува ваш: или ќе покажете интерес само за скролање сликички и ќе ги продлабочувате вашето енергетско растројство и зависност од насоченоста кон надвор – како робовите и наемниците или ќе се потрудите и да прочитате нешто полезно, нешто што ќе ви предизвика покајание, нешто што ќе ви пружи можност за преобразување и ќе ве внесе во енергетската собраност на децата Божји и нивниот плодоносен однос со Бог.
Слава Тебе Господи!

