
Администрацијата на американскиот претседател, Барак Обама конечно се произнесе дека џихадистите од Исламска држава ИСИЛ вршат геноцид врз христијаните, јазидите (кррдска етничка група во Ирак) и шиитите на териториите во Сирија и Ирак, кои се под нејзина контрола. Ова денеска во изјава го потврди американскиот државен секретар Џон Кери.
Тој ја обвини групата за воени злосторства, геноцид и етничко чистење на овие територии.
– Овој факт е потврден од нејзината идеологија и нејзините дејствија. САД ќе направат се што е потребно ИД да понесе одговорност за своите злодела, изјави Кери
Според него, важно е со тоа што точното име е да се наречат злосторствата на ИД, но уште поважно е тие да се спречат. Сепак тој признава дека САД и нивните сојузници не можеле целосно да ги документираат злосторствата на ИД.
– Познато ни е на пример дека во август 2014 година ИД уби илјадници јазиди и опколи десетици илјади на планината Синџар. Јасно е дека без наша интервенција овие луѓе ќе беа малтретирани, нагласил американскиот државен секретар.
Како друг пример за злосторствата на ИД, Кери ги наведе масовните убиства на христијани во Мосул и на други места, само поради нивната вероисповед.