Странското влијание преку религиозните заедници во Македонија не е нов феномен, но во последните неколку години добива поинтензивна и пософистицирана форма. Наместо директен политички притисок, надворешните актери сè почесто користат индиректни канали – културни, вредносни и религиозни – со цел да изградат долгорочно присуство и да влијаат врз општествените наративи. Овој модел е типичен за т.н. „мека моќ“, каде религијата функционира како легитимен и тешко оспорлив простор за влијание, пишува А1он.мк
Новинарот Марјан Николовски идентификува две главни линии на ова влијание. Првата е поврзана со Исламската верска заедница, каде што, како што вели, постои „мешано влијание“ – од една страна одредени фондови поврзани со саудиското учење, а од друга страна поизразено турско присуство. Според него, токму турското влијание е поинтензивно и се вклопува во поширока регионална стратегија која се протега „од Истанбул, Македонија, Бугарија, Косово до Санџак и Босна“.
Сепак, Николовски прави јасна дистинкција: овие влијанија не треба автоматски да се поистоветуваат со радикализација. Напротив, тој оценува дека Исламската верска заедница, особено со поддршка од државата, успеала да се справи со посериозните предизвици и дека нејзиниот јавен дискурс останува осудувачки кон екстремизмот.
Оваа оценка делумно ја потврдува и Бобан Стојановски, поранешен помошник директор во Агенцијата за национална безбедност кој укажува дека во минатото сепак постоеле обиди за продор на порадикални влијанија, особено преку „генерација државјани кои завршиле теолошки факултети во некои од арапските земји“. Според него, токму тие влијанија „резултирале со појава на одредени екстремизми во почетокот, па и радикализми“, иако често индиректно.
Стојановски дополнително нагласува дека ваквите процеси не се ограничени само на една религија. „Не треба да се остави впечаток дека само исламот е подложен на вакви процеси“, вели тој, потсетувајќи дека и Македонската православна црква во минатото била изложена на „пропагандни, надворешни, директни и индиректни влијанија“, што довело и до внатрешни тензии.
Токму оваа паралела е важна за разбирање на втората линија на влијание што ја посочува Николовски – онаа преку МПЦ-ОА. Според него, клучен момент е 2022 година, кога црквата беше вратена во канонско единство со православниот свет. Овој процес, покрај религиозното значење, отвори простор за нови влијанија, особено од страна на Руската православна црква.
Николовски оценува дека тоа влијание се гради постепено, преку создавање позитивна перцепција за Русија и Руската црква, но и преку вредносни прашања како отпорот кон либералните политики. „Се ‘билда’ Руската црква, нејзиното величање, дека од таму доаѓа сè правилно“, вели тој, додавајќи дека паралелно се создава и негативен контекст кон Западот.
Целата анализа на А1он.мк

