Првенството по авторитет

Date:

Share post:

„Кога беа на пат, искачувајќи се кон Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие се чудеа и одеа по Него со страв. И кога ги повика повторно дванаесеттемина, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него“.

Пишува: Наум Струмички

Повеќето од учениците Негови уште се надеваа дека Христос ќе биде земен цар и ќе основа земно царство, на таа надеж и се должи одењето по Него – поткрепена од чудата што дотогаш ги видоа. Но, одеа и со страв, оти ја знаеа и силата на тогашните окупатори и не гледаа како тоа би се случило.

Од друга страна, Христос ги подготвува за идните случувања, но истовремено тоа им го зголемува стравот:

„Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го камшикуваат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат и во третиот ден ќе воскресне.“

Тогаш се случува нешто соодветно за ризични ситуации – согласно логиката на наемниците, еден обид за преддоговор – кога веќе ризикуваме, ако успееме, да се обезбедиме и да добиеме нешто:

„Му пристапија За­ве­деевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: Учителе, сакаме да ни го исполниш она што ќе Ти го побараме. Тој ги праша: „Што сакате да сторам за вас? А тие Му одговорија: Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а дру­ги­от одлево, во Твојата слава. Но Тој им рече: Не знаете што ба­рате! Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крш­тевањето со кое се крштевам Јас? Тие одговорија: Можеме. А Исус им рече: Чашата што ја пијам Јас, ќе ја пиете, и со крштевањето, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, не е Мое да дадам, туку тоа е за оние за кои е подготвено“.

Случката со Јаков и Јован е слична со онаа на Јосиф и Богородица кога го бараат детето Христос во Ерусалим – едниот не знае што бара, а другиот знае, но не може да каже. Јаков бара седење и слава во царството земно, а Јован се надева на блискост во Царството Небесно – од љубов. Да не должам многу, дека Јаков не знае што бара, а дека Јован знае, покажа ситуацијата под Крстот – оние што бараа царство земно и се потпираа врз сигурноста на истото, ги немаше под Крстот; а оние што остварија личен однос со Христос, не беа, во таков момент загрижени за какво било царство. Но, Христос не ги двои при одговорот и однапред им кажува што ќе се случи, а Јован не покажува сѐ што знае – од смирение. Чашата и крштевањето се страдањата и смртта на Крстот.

А дека оддесно и одлево да се седне од Христос е за оние за кои е подготвено, значи дека ќе седнат тие што со својот личен однос кон Богочовекот Христос тоа ќе го остварат, но нема тоа да бидат Јаков и Јован. Ги гледаме и на иконостасот, кој го открива седењето во Царството Небесно, дека тоа се Мајката Божја и најголемиот роден од жена – свети Јован Пророк, Претеча и Крстител Господов. Секое друго место е теоретски слободно.

Но, барањето на Јаков ја повредува суетата на оние што се надеваат на овоземни позиции и слава:

„Десетте, пак, штом го чуја тоа, не­годуваа против Јаков и Јован. Но Исус ги повика и им рече: Зна­ете дека оние што важат за кнезови на народите, господарат над нив, и големците владеат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; туку кој сака да биде големец меѓу вас, нека ви биде служител; и кој сака да биде прв меѓу вас, нека биде слуга на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, туку да служи и да го да­де Својот живот за откуп на мнозина“.

Појасен одговор од ова нема – за децата Божји, но за наемниците, пак, понејасен одговор од ова нема. Посебно неспоиво, за наемникот е желбата за првото место со обврската да им бидеш слуга на сите – во нивното спасение. Никогаш, наемникот, нема да сфати дека истовремената позиција – прв и слуга на сите, е својство само на носителите на дарот на умно-срдечната молитва, а посебно на оние кои го имаат дарот на непрестајната умно-срдечна молитва и гледањето на несоздадената светлина. Самата таа молитва е „последно место и слуга на сите“ – т.е. многу саможртва и давање; затоа што, не можеш да ја имаш ако одговорноста и вината за гревот во светот не ги видиш во себе – и тоа секогаш и за сѐ, и ако соодветно не се покаеш и не пострадаш; и затоа што, преку таа молитва се одржува светот во постоење и таа самата е неискажливата воздишка на Светиот Дух за спасение на сите луѓе – Авва Оче; а ако Бог преку Црквата нѐ повика и постави на некое формално прво место, тоа ништо не може и нема да ни промени. Тоа е тоа првенство по авторитет, што само детето Божјо може да го има, и кое што – сите ги привлекува или, барем, никого не остава рамнодушен.

Господи, слава Тебе!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img