Заклучивме дека, од моментот кога имаме иста – православна вера и исто – Апостолско Преемство, т.е. кога сме во непосредна или посредна светотаинска заедница преку сослужување и заемно, макар и еднострано спомнување, каков било раскол во Црквата е само проекција на нашата внатрешна гревовна состојба; проекција на расколот меѓу нашиот ум и нашето срце, како и, следствено, на расколот во односот меѓу Христос со Кого се причестуваме и Христос во нашиот ближен. Потоа, овој внатрешен раскол може да се пројави како нарушени односи или како некакво несослужување или како некакво неспомнување или како административен раскол; како демонски обид, преку неговите слуги – религиозни социопати на високи црковни и државни позиции, да го раслаби сведоштвото на единство и љубов, што требаше Црквата Божја да го пружи во овој свет.
Но, сѐ додека преовладува во нас Светиот Дух Господ, православните ерарси, посебно поглаварите, непосредно или посредно, нема да го прекинат взаемното литургиско спомнување и сослужување. Што, во случајов, значи терминот „посредно“? На пример, српскиот поглавар Порфириј и нашиот свет поглавар – Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, непосредно ги спомнуваат сите други поглавари по ред, а на прво место Вселенскиот патријарх Вартоломеј, но не и поглаварот на Православната Црква на Украина – Епифаниј, сепак, бидејќи Вселенскиот патријарх Вартоломеј ги спомнува непосредно и Порфириј и Епифаниј, сите погоре наведени поглавари се и во непосредно и посредно единство, ама сепак единство. Во таква „посредна“ врска и единство се Вселенскиот патријарх и Рускиот патријарх, преку другите поглавари со кои тие имаат светотаинска заедница. Спомнувањето во светата Литургија, не само што битијно, светотаински, ги обединува сите што сега непосредно и посредно се спомнуваат и сослужуваат, туку ја обединува и првата Црква од Ерусалим со есхатолошката Црква во Царството Небесно, како и сѐ и сите помеѓу – по благодатта на Светиот Дух. Спомнувањето, во духовниот живот, е многу побитно отколку физичката блискост, затоа што со некого можеш да бидеш во физичка близина, а да не го ни помислиш; и обратно…
Затоа и заклучивме уште дека, кога веќе сме Една Света Соборна и Апостолска Црква, на одреден административен чин, не смее и не може да се одговара со светотаински чин; на пример: некој прогласува неканонски автокефалност или носи не знам какво име, а друг – како одговор на тоа, прекинува евхаристиско единство со првиот. Кога некој прогласува автокефалност, оној што не се согласува, просто, нема да му ја признае или нема официјално да му се обраќа по името со кое не се согласува; што значи, на административен чин се одговара со административен чин, а не со прекин на евхаристиското единство; и утре, кога сите – што имаат неспорна канонска автокефалност, ќе се соберат на едно место, оној што ја нема, набрзо ќе си го види своето место; како и сите останати – на кои што не им било дотогаш јасно. Кој, освен некој малоумен или демоноопседнат, би си отсекол дел од своето тело поради мала и излечива повреда; која и така – само во заедница може да биде излечена?
Што е тоа што нѐ прави да не се гледаме како Една Црква сите? Тоа е етнофилетизмот како крајна демоноопседнатост и видлива или суптилна религиозна социопатија. Тоа е и знак дека срцето не ни е доволно очистено од страстите и дека го немаме дарот на умно-срдечната молитва, како и просветленоста на умот што од таквата молитва произлегува. Просветлениот ум во своето очистено срце, од страстите и од демоните поврзани со нив, не гледа повеќе Помесни национални цркви – со свои посебни политички интереси, туку гледа само Една Света Соборна и Апостолска Црква – со ист пастирски интерес, спасението на сите луѓе. А на умот одделен од своето срце, низ призма на сопствениот раскол, сѐ му е во раскол и со сѐ е во раскол; најнапред со благодатта на Крштението од своето срце. Затоа и Бог не оставил единството на Црквата да зависи само од нас – такви какви што сме, туку поставил и други, внатрешни, критериуми за црковно единство, кои, ако не ги исполнуваме, напразно ни е само формалното единство. Единството на Црквата и единството со Црквата е сѐ што имаме, а од ова единство секој сам се исклучува – со ерес и со нељубов. И, едно е некого да осуди само црковниот суд, а друго е самиот да си отпадне од Бог – и без формален суд.
Ние, епископите на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, сме должни со дозволени средства и на побожен начин да го чуваме Нејзиниот канонски поредок – точно така како што е воспоставен од Нејзините Свети Собори, како и нашата Света Вера; т.е. должни сме да го чуваме единството на Црквата, како и првенството по чест во Неа. И, сите сме должни да се стекнеме со првенство по (духовен) авторитет – каков што имале нашите Свети отци, претходници; тоа е најблагословено првенство што некој може да го има во овој свет, денес, а не да тежнееме кон првенство по власт и контрола. Не, како во последниве 150 години – предолги санкции кон браќата свои, а гушкања и молитви со иноверните. И да убие некој некого, за 20 години ќе ја отслужи судската казна и без покајание, а ние бесконечно би ги осудиле и држеле своите браќа по вера во административен раскол – и откако починале тие што истиот го предизвикале, а за истото тоа, кое и самите ние, или нашите претци, сме го направиле претходно. Каков е нашиот суд, ако не – чисто зло или глупавост? Среќа – Бог се грижи за Својата Црква.
А што да каже човек за лаиците – религиозни социопати, кои, низ призма на сопствениот внатрешен расцеп и раскол, си дозволуваат да осудуваат и анатемисуваат како еретици, дури и одредени поглавари на Помесни цркви, а да не зборуваме за другите архиепископи и митрополити? Бидејќи објаснив дека сите православни сме во светотаинско единство – во единство на верата и заедница на Светиот Дух, тогаш, ако некого од поглаварите осудиш за ерес, а ти истиот – преку својот надлежен епископ и поглавар, си во црковно единство со тој „еретик“ – и ти си во ерес. Значи, ако си доследен на тоа што го говориш, или излези од заедницата – со сите оние кои се во заедница со „еретикот“, или покај се и седи мирен; инаку – сѐ друго е шизофрено. Дури и да излезеш од црковната заедница, знај дека оцрнувањето на заедницата од која си излегол, не може да биде здрав темел за градење на твојата нова, овоземна, заедница.
Затоа, да застанеме смирено и да стоиме со страв Божји – без да паднеме во демонска замка на заземање страни, и да си го чуваме единството на Црквата и со Црквата; тоа е најблагословен и најнаградуван, од Светиот Дух Господ, подвиг, денес. Не ги превидувајте моите зборови, ви говорам од опит на долгогодишен живот во административен раскол. И, да се потсетиме, блудниот син „отпадна“ од својот Отец – времено, најмногу поради нељубовта од постариот брат, кој затоа се доведе себеси во состојба, да отпадне – и вечно. Оставете го односот меѓу Отецот и блудниот син – не е тука проблемот; тој однос не беше никогаш суштински нарушен, инаку – не ќе беше ни возобновен. Кој има уши да чуе, нека чуе…
Пишува: Митрополит Струмички Наум

