Архиерејскиот собор на Православната црква на Украина (ПЦУ) во своето послание по повод 1038-годишнината од Крштевањето на Украина-Рус упати силна порака против идеологијата на „рускиот свет“, оценувајќи дека таа носи „изопачување на евангелското учење, ропско потчинување на земната тиранија, уништување на украинскиот национален идентитет, секојдневни разурнувања, убиства и безброј човечки страдања“.
Во документот, потпишан од митрополитот Киевски и на сета Украина, Епифаниј, Соборот наведува дека крштевањето на Киевска Рус го определило цивилизацискиот избор на украинскиот народ како дел од европското христијанско семејство.
„Целта на Московија, која се претворила во империја на злото, е да не дозволи нашата вистинска слобода и независност, да не дозволи конечно ослободување од јаремот на идеологијата на таканаречениот ‘руски свет’ и нашето враќање во нашиот европски дом“, се наведува во посланието.
Архиерејскиот собор прави и директна споредба меѓу Европската Унија и Русија, истакнувајќи дека, иако ЕУ има свои недостатоци, таа останува простор во кој „човекот може слободно да го проповеда Светото Евангелие и непречено да ја исповеда православната христијанска вера, неосквернета од еретичкото учење на ‘рускиот свет’“.
Во посланието се додава дека Европа, особено во споредба со Русија и нејзините сојузници, останува простор на слобода каде народите можат да ги зачуваат својот национален, духовен и културен идентитет, како и простор на мир и безбедност.
Поради тоа, Архиерејскиот собор ја повторува својата поддршка за европската интеграција на Украина.
„Нашиот избор е јасен. Архиерејскиот собор доследно го поддржува патот што украинскиот народ го избра кон обединување со европската демократска заедница“, се вели во документот.
Истовремено, украинските архиереи нагласуваат дека зачувувањето на традиционалните духовни и морални вредности останува нивна света должност, заедно со другите верски заедници и институциите на граѓанското општество.
Посланието беше објавено по повод Денот на украинската државност и 1038-годишнината од Крштевањето на Украина-Рус, а во него Соборот повторно ја изразува поддршката за одбраната на Украина од руската агресија и повикува на Божји благослов за украинскиот народ и државното раководство.

