Комунизмот не ја уби верата, но ја приватизираше. Ја затвори во домашните ѕидови, ја сведе на суеверие, на формализам.
Пишува: Протопрезвитер Симеон Кантурски, дипломиран теолог и дипломиран психолог по општа психологија (Тивериопол.мк)
Зошто присуството на Црквата предизвикува толку непропорционална реакција во одредени средини? Самиот факт на присуство е доволен да активира рефлекс кој се преправа во уставна загриженост, а всушност е нешто подлабоко, постаро и, да бидеме искрени, попатетично. Зашто кога нешто те вознемирува толку диспропорционално, проблемот не е во она што го гледаш. Проблемот е во тебе. И тој рефлекс заслужува дијагноза. Не полемика, не одбрана- дијагноза. Зашто полемиката подразбира рамноправни соговорници. А она со што се соочуваме не е аргумент, тоа е рефлекс. Рефлексите не се побиваат со контрааргументи. Тие се дијагностицираат, се именуваат и им се покажува етиологијата. Потоа, доколку имаат доволно самосвест, сами се засрамуваат. Доколку немаат, барем публиката знае со што има работа.
Пред да ги отвориме правните и филозофските аргументи, мора прво да ја разбереме историјата, зашто оваа идеолошка матрица е наследена, не создадена. Антицрковниот рефлекс во нашето општество не е производ на рационалната критика. Не е наследен од западноевропското просветителство, иако нашите локални необолшевици сакаат да се замислуваат како некакви балкански Волтери. Тој рефлекс кај нас е производ на конкретна историска програма, комунистичката антирелигиозна политика спроведувана систематски врз македонскиот народ и Црквата во минатиот век.
Фактите се многу жестоки. Со Законот за аграрна реформа од 23 август 1945 година, на Црквата ѝ се конфискувани сите земјишни поседи. Со Законот за конфискација на воена добивка, Законот за заштита на државната сопственост, Законот за експропријација од 1947, и низата закони до 1965 година, религиозните заедници се лишени од секаква економска самодоволност. Како што признаваат и самите истражувачи, целта била да ја лишат Црквата од основата за нејзино одржување и да ја направат економски и политички зависна од владејачката елита. Не реформа, туку гушење.
Верското образование било целосно забрането во јавните училишта по 1952 година. Теолошките факултети се истерани од универзитетите. На нивно место е воведен предмет наречен „Морално воспитание” кој служел како инструмент за систематска атеизација.
Комунизмот не ја уби верата, но ја приватизираше. Ја затвори во домашните ѕидови, ја сведе на суеверие, на формализам. Го лиши народот од евангелското слово, од литургиската заедница, од пастирско водство. И потоа прогласи дека тоа е природна состојба: народот е „напреден”, „секуларен”, „ослободен”. Штетата беше претставена како прогрес. Ептен познат трик, впрочем, ист го користат и денешните наследници кога катастрофата на семејството ја нарекуваат „еманципација”, а моралниот распад „толеранција”.
Режимот секако се растури, но штетата остана. Менталитетите не се менуваат со промена на знамето. Комунистичкиот антицрковен рефлекс не умре со Југославија. Тој мутираше. Го смени речникот: наместо „опиум за народот”, сега „клирикализам”. Наместо „народна борба”, сега „граѓански активизам”. Но длабинската структура е иста: Црквата е непријател на прогресот. Попот е паразит. Верникот е заблуден. И тоа не е мислење, тоа е рефлекс. Услов, наследен, пренесен од генерација на генерација, од колено на колено, од партија на партија, од идеологија на идеологија. Го среќаваме кај луѓе кои не прочитале ниту еден богословски текст во животот, но со авторитетот на човек кој прочитал сè знаат дека Црквата е „проблем”. Свртете им го вниманието и прашајте ги: кој проблем? каков проблем? врз основа на што? и ќе добиете мрморење, лутина и евентуално навреда. Тоа е знак на рефлекс, не на аргумент.

